Бескаматна кредитна линија со грант компонента наменета за микро и мали претпријатија погодени од КОВИД-19

Владата на Република Северна Македонија вчера на седница ја разгледа и усвои Информацијата за воспоставување на бескаматна кредитна линија со грант компонента наменета за микро и мали претпријатија погодени од КОВИД-19 (Ковид 3), и го задолжи Министерството за финансии, во име на Владата да потпише договор за администрирање на средствата со Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.

Во врска со оваа точка Владата го задолжи Министерството за економија да достави Предлог-одлука за префрлање на средствата од програма П1 во вкупен износ од 60.000.000 денари на посебна сметка на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје како буџетски придонес во реализација на мерката, по што банката треба да ги преземе сите активности неопходни за операционализација на мерката и воспоставување на третата бескаматна кредитна линија за поддршка на микро и мали претпријатија.

Владата го задолжи Министерството за финансии, во соработка со Секретаријатот за европски прашања, да ја известат Делегацијата на ЕУ во земјата дека мерката е усвоена од Владата на Република Северна Македонија и дека Министерството за финансии, Министерството за економија и Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје преземаат активности за операционализација на истата

Финансиските средства за бескаматна кредитна линија со грант компонента наменета за микро и мали претпријатија погодени од КОВИД-19 (Ковид 3) се повлечени од 50-те милиони евра награда за успешност заради целокупниот напредок во процесот на Европска интеграција на Северна Македонија, за кои Владата со официјален допис се обрати до Европската комисија дека овие средства ќе се користат за опоравување на земјата од последиците предизвикани од пандемијата со КОВИД-19.

На оваа седница Владата го усвои Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, поднесени во периодот од 5 до 6 октомври 2020 година.

Според извештајот, Комисијата разгледала вкупно 39 барања од основни училишта и даде согласност за започнување на настава со физичко присуство на 13 основни училишта, додека барањата на 25 основни училишта не се прифатени.

Комисијата даде делумна согласност на едно основно училиште за настава со физичко присуство за практичната настава со оглед дека станува збор за музичко училиште.

Целиот извештај на Комисијата за барањата поднесени од 5 до 6 октомври 2020 година може да се види на следниот линк: https://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/izvestaj_od_komisijata_za_davanje_soglasnost_za_rabota_na_ucilistata_so_fizicko_prisustvo_06102020_1.pdf

Работата на оваа редовна седница на Владата ќе продолжи и утре со разгледување и одобрување на пристигнатите барања за склучување на Договор за доделување на финансиска поддршка на инвестициите пристигнати преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, соопшти Владата.