Бигорски манастир со цвеќе распослано на патот го пречека новиот епископ Архимандрит Партениј(фото галерија)

Со цвеќе по патот кадешто помина, со латици од ружи и големи букети, пред три дена беше прославено именувањето на отец Партениј за нов епископ, владика на МПЦ ОА.

Владиката Партениј со солзи во очите трогнат од пречекот во Бигорски манастир

,,Со серадосно ликување, Светата Бигорска Обител, заедно со притекнатите верници, достоинствено го дочека својот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, кој денес едногласно беше избран за нов епископ од страна на светите архијереи на Свештениот Синод на МПЦ-ОА“-се вели во објавата од овој манстир.

Од пречекот на владиката на официјалната страница на Бигорски манастир има бројни фотографии.

На 21 мај на седница на Светиот архиерејски синод, игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, архимандрит Партениј, беше едногласно избран за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Од Синодот информираа дека отец Партениј бил предложен за нов владика од страна на неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, а едногласно потврден од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА. Неговата хиротонија е закажана за 12 јули годинава, на празникот на светите апостоли Петар и Павле, во храмот „Света Софија“ во Охрид.

Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски“ (според македонскиот антички град Антанија, кој бил епископско седиште), но истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот Манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.