Биди Македонец

 

Пишува: Емилија Лазаревска

 

Верувам дека актуелната владејачка гарнитура, благо кажано, е изненадена и не очекуваше вакви реакции во јавноста по изгласувањето на Законот за употреба на јазиците, јас би рекла, за двојазичност (член 1 (2)- Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон).

И да бидеме искрени, сите сме изненадени. Сѐ што навидум сиве овие години мислевме дека го надминавме, се отвори како содржината од шише кисела вода, кое претходно ви паднало од раце. Зошто ваква експлозија од незадоволство, национализам, нетрпение, па на моменти и шовинизам, посебно на социјалните мрежи?

Секако причина за тоа не е само Законот за јазици, па впрочем еден таков беше донесен во 2008,  исто толку на шверцерски начин како и овој. Еден од главните актери е ист-ДУИ, сменети се улогите на епизодистите, тогаш ВМРО ДПМНЕ, сега СДСМ.

Се што се случува на политичката сцена во Република Македонија може да се третира како спорно.

Спорен е Законот за употреба на јазиците (двојазичност).

Спорен е начинот на кој беше донесен(ептен).

Спорен е моментот кога беше донесен(без попис).

Спорен е начинот на кој се прославува(триумфализам).

Спорна е итноста со која беше донесен законот(европско знаменце).

Спорно е како законот ќе се спроведе (реална потреба?)

Спорен е начинот на кој се протестира(пред децата)….

Сите овие и многу други прашања за голем број граѓани се спорни, нејасни, проблематични…исто толку колу што за одреден број се прифатлививи, нужни, неопходни.

Разликите се чини, во овие моменти, се тешко премостливи.

Но, дали мораше да дојде баш до оваа експлозија на незадоволство, која во голема мера ескалираше како изблик на национализам? Зошто се повампири национализмот и ,,стравот “ од албанското прашање?

Речиси  неподелени се мислењата дека  донесувањето на овој сензибилен закон беше лошо изменаџирано. Буквално на мускули. Никој од власта не отиде меѓу граѓаните да ги увери дека ова е во интерес на сите. Дека воведувањето на албанскиот јазик како втор официјален во Република Македонија, е заради нужната потреба на граѓаните од албанска националност и во Кратово и Пробиштип да се чувствуваат како свој на своето, на пример, исто како во Тетово. Не велам дека убедувањето ќе поминеше лесно, но тоа во најмала рака беше обврска, колку на СДСМ, толку на ДУИ. Барем овие вторите ќе го скршеа мразот по толку години власт, да се одважат да ја посетат Источна Македонија.

Иако коалициските партнери тврдат дека имало неколкумесечна јавна расправа, тоа не е точно. Јавната расправа се водеше на социјалните мрежи, а советници во Владата директно ја поттикнуваа со однапред  утврдени тези и ботови, кои потоа прогресивно ги ширеа(тезите), меѓу корисниците, кои се ,,палеа“ согласно провиниенцијата на која припаѓаат , а оние кои е познато дека не припаѓаат ниту ваму ниту таму, беа ставани де ваму, де таму, де во еден кош, де во друг, во зависност од нивните ставови, проследено со прашањата – ,,со што те купија“ или ,,каде бевте во времето на Груевски вака да критикувате“, демек сега дошол живот, па секој можел да каже што си сака, или ,,еве и овој/оваа не добиле функција“.

Аргументите често завршуваа во корпа за отпадоци, а условно кажано, противниците, беа квалификувани како националшовинисти и албанофоби. Често, на истите тие социјални мрежи, кои владиниот ПР ги прогласи како стратешки за нивната пропаганда, може да се види еден ист текст со поддршка за ,,човекот, херојот кој не спаси од Груевски“, или пак оправдување од типот ,,тоа и тоа беше првпат донесено од ВМРО ДПМНЕ“….и слично, споделувано илјадници пати од ФБ профили и луѓе кои реално постојат, не се лажни, и ги знаете и лично. Па се чудите…

Да,  знаеме дека и тие го правеа  истото. Затоа не се на власт.

Но, тоа никому не му дава право да го прави истото. Напротив.

Двојните аршини се видливи на секој чекор.

Францускиот амбасадор Тимоние, сега, во дел од круговите кои ја поддржуваат актуелната владејачка гарнитура, стана истото она што беше американскиот амбасадор Бејли за тврдокорните поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ кога беше на власт. И тогаш и сега ДУИ се ,,милува“ со странците, а првиот евроинтегративец  му се обрати лично на француски на амбасадорот, за да го увери дека, иако погрешиле во процедурата и дека, иако можеби донесувањето на законот не беше на најевропски начин, тие се Европејци и милозвучно го зборуваат дури и неговиот јазик и што е проблем?! Напротив.

Некои дури се обидуваат да убедат дел од јавноста дека Тимоние се истрчал со критиката, небаре тој е Васко Наумовски, а Франција е Македонија.

Всушност, покрај спорните делови во Законот за употреба на јазиците, што е јасно дека ги има бидејќи тој ќе биде предмет на оцена на Венецијанската комисија и на Уставен суд, пелин во устата за многумина, како и кај Тимоние, е грдата слика од начинот на кој беше донесен . Нешто како 24 декември 2013, само што овојпат го немаше рачете на Ставревски и обезбедувањето не ги влечеше пратениците . Тогаш беа спорни илјадници амандмани на опозицијата за Буџетот и не се расправаше за нив, а сега беа спорни над 35.000 амандмани, исто на опозицијата, и не се расправаше за нив. И тогаш и сега на владејачките им се брзаше.

Како да излеземе од политичкиот вртлог на непринципиелност, кога децата на Груевски се помалку деца од децата на Ременски или обратно, сеедно? И кога заради отворениот повик на социјалните мрежи, а подоцна и колумна Груевизмот во нас , ќе станете предмет на тешко омаловажување, потсмев и шиканирање. Што да кажете, освен,  па немојте пред децата, чии и да се!

ДУИ веќе не е лошото  момче, како претходно кога беа во нераскинлива врска со Груевски. Сѐ за ДУИ. Исто како и во времето на ВМРО ДПМНЕ. Според јачината на нивните , во моментот 10 пратеници, а некогаш и повеќе, ДУИ е крупна политичка ѕверка, секогаш заштитена, која и преку вакви политички проекти , успева да се врати како победник на политичката сцена.

Пријатно изненадува жестокоста, да не речам , фанатичната посветеност на познати и помалку познати граѓански и НВО активисти, но и обични граѓани и граѓанки, во поддршка и одбрана на правото на нашите сограѓани Албанци да зборуваат на својот мајчин јазик, или поточно да ги остваруваат своите со Устав загарантирани права, на цела територија на Република Македонија. Тоа е за пофалба, секако.

Но. Зошто со исто толкава жестокост не се спротиставија на негирањето на македонската државност и нејзините симболи, како што се првиот официјален службен јазик-македонскиот, официјалното државно знаме и химна, од страна на Али Ахмети и неговите интегративци, без исклучок, во сите единици на локалната самоуправа? Или, зошто со ниту еден збор досега, тие истите, но и Владата, не се спротиставија на негирањето и асимилацијата на македонското малцинство во соседна Албанија, од страна на бугарската држава? Или за нивните права и во Албанија и во Бугарија на пример…

Али Ахмети 17 години е во власт и нема проговорено ниту еден збор на македонски јазик. Oсвен во ,,бомбите“ кога се договараше со Груевски каква беља да направат. Македонското знаме не се вее во неговиот кабинет и во седиштето на партијата. Никогаш на локални настани или партиски конвенции не се интонира македонската химна.

Зарем ова не е непочитување на државата Република Македонија? Се побуни ли некој од гореспомнатите?

Е па драги мои, и ова е дел од сетот причини за меѓусебната недоверба , која еруптираше деновиве.

Тој никогаш не се потруди да не увери во спротивното, а коалициските партнери од македонскиот блок на политички партии, никогаш не го критикуваа ова негово однесување, а да не зборуваме за некакво спроведување на закон или пак санкции кон него и неговите партиски другари.

Во услови кога е просто и селски да кажеш дека ја сакаш Македонија, оти ќе те прогласат за ,,смрдокорен“,  кога е  националшовинизам ако се грижиш за својот мајчин јазик, кога си албаноф ако ја спомнеш буквата А….и кога Македонците со бугарски пасоши се практично Бугари за кои официјални државни бугарски функционери пројавуваат отворена грижа дали ги имаат сите права во РМ, очекувано е да се запрашете и да речете—Па добро, што има врска насловот со колумната?!

Е па, нема….ова е Република Македонија.

АКО.мк