Бизарна смрт пред домот на кумановскиот градоначалник

Резултатите од обдукцијата на телото на 55- годишниот Кирчо Тодоровски кој утрово беше најден мртов во станбена зграда во Куманово, ќе откријат дали самиот си го одзел животот или станува збор за убиство. Тодоровски утрово во 7 и 30 е пронајден со прострелна рана во главата, во ходник на првиот кат од зграда, токму пред вратата на станот каде што живее Градоначалникот Зоран Дамјановски, на Булеварот Октомвриска Револуција. Во неговата десна рака се наоѓал и пиштолот од кој што бил испукан еден куршум, а за него Тодоровски поседувал дозвола. Мистериозната смрт на кумановецот допрва ќе се расветлува, а полицијата треба да го открие мотивот за евентуалното убиство или самоубиство и дали постои некаква поврзаност со првиот човек на градот. Починатиот своевремено бил вработен, но и бизнис партнер во градежната фирма АДА, сопственост на Дамјановски. Тодоровски направил финансиски проневери во фирмата по што бил избркан од работа, а Дамјановски против него повел и судска постапка. Дали имало судска разрешница и во чија полза се решил спорот, се уште не е познато, но бизнис партнерот во неколку наврати го молел Дамјановски да ја повлече тужбата. Кога утрово станарите на зградата слушнале истрел, од станот на Градоначалникот се појавила сопругата, додека Дамјановски веќе бил излезен. Неколку часови влезот на зградата беше блокиран заради вршење увид од страна на истражните органи.