Билтен: Возач загина по удар во ѕид, малолетничка тепачка, тешка кражба во Прилеп…

На 19.12.2017 година во 00.45 часот во Скопје на булевар „Трета Македонска бригада“, пред раскрсницата со улица „Фрањо Клуз“, се случила сообраќајна незгода во која З.В.(51) од Скопје, управувајќи патничко моторно возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки изгубил контрола над истото и удрил во бетонски ѕид од објект. Од страна на лекар од Итна медицинска помош кај возачот З.В. констатирана е смрт, а додека со тешки телесни повреди се здобиле сопатниците М.К.(17) и К.К.(24) двајцата од Скопје, кои се пренесени во Ургентен центар Скопје и се задржани на КАРИЛ. Извршен е увид на местото на настанот.

На 18.12.2017 година во времето од 19.00 до 22.30 часот во Прилеп во куќа сопственост на М.Г.(47), од страна на непознат сторител извршена е тешка кражба, при што одземени се евра, австралиски и американски долари, швајцарски франци и фунти, се во вредност од 2.160.000 денари, како и разновиден златен накит во вредност од околу 2.200.000 денари. Сторителот откако со употреба на погоден алат влегол во куќата во подрумот пронашол и отворил метален сеф од каде ги одзел парите и заминал во непознат правец. Извршен е увид на место на настанот, се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

На 18.12.2017 година околу 18.10 часот во Скопје на улица „Босна и Херцеговина“ Б.Т.(16) и Т.Д.(16) биле физички нападнати од поголема група на машки лица на возраст од околу 16-18 години. Околу  полноќ, на местото на настанот се упатил Т.З.(45)  од Скопје и забележал како неговиот син Т.Д. го носеле негови другари и братучеди, кои му кажале дека не му е добро и дека има вртоглавица, по што го однел во Ургентен Центар „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош и во разговорот со неговиот син истиот појаснил дека додека бил заедно со неговите другари физички биле нападнати од поголема група на лица при што ја изгубил свеста. На Т.Д. во  пределот на левото рамо му била нанесена повреда расекотина со тврд предмет, најверојатно од нож. Малолетникот појаснил дека до физичкиот напад дошло откако претходно неговиот другар имал расправија со напаѓачите во дворот на Училиштето „Зефљуш Марку“. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расчистување на случајот.

На 18.12.2017 година  во 16.45 часот граѓанин пријавил дека видел како возило со запалени светла пловело по река Вардар од мостот кај булевар „Гоце Делчев“ кон Камени мост и дека застанало кај Градски трговски центар. Од страна на полициски службеници констатирано е дека се работи за патничко моторно возило „Нисан“ со скопски регистарски ознаки сопственост на В.П.(47), и истото со влечна служба е извадено од реката.

Во текот на вчерашниот ден (18.12.2017 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле шест сообраќајни незгоди од кои две со телесни повреди и четири со материјална штета. При сообраќајните незгоди четири лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 10 возачи го управувале возилото со брзина поголема од дозволената. Осум возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи двајца го управувале своето возило без да се стекнат со право за управување на моторно возило додека шест лица биле возачи почетници. Поради нерегистрирани возила од сообраќај се исклучени седум возила. Во текот на изминатиот ден издадени се 67 мандатни платни налози, додека 73 возила се подигнати со “пајак”.