Билјана Беличанец му се враќа на актерството, нема да се кандидира за втор мандат

Градоначалничката на Кисела Вода, актерката Билјана Беличанец, ја завршува својата политичка кариера и му се враќа на актерството. Таа во изјава за ТВ Нова  вели дека посветено работела решавајќи ги проблемите на сограѓаните, но и дека и недостасувала нејзината примарна професија -актерството.

Иако нема повторно да се кандидира за градоначалник,  дава силна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ.

-Ми недостасува актерството, така што не планирам, да не се кандидирам за втор мандат. Овие четири години се едно големо, големо животно искуство за еден човек како мене. Изразувам голема благодарност до ВМРО-ДПМНЕ и пред се лидерот на партијата Никола Груевски за тоа што ми беше укажана оваа можност и убедена сум дека партиските структури и партиската организација ВМРО-ДПМНЕ ќе ја исфрли соодветната личност на претстојните локални избори  во која граѓаните и жителите ќе се препознаат“, изјави Беличанец.

Кандидатурата за градоначалник на минатите локални избори на Билјана Беличанец, беше вистинско изненадување во јавноста. По 4 години градоначалничка кариера, таа сака повторно да биде глумица.

Во јавноста  и меѓу членови на ВМРО ДПМНЕ, се почесто се спомнува името на Јохан Тарчуловски за кандидат за градоначалник на Кисела Вода.