Битката за Фени

 

Не престанува играта околу тоа кој ќе влезе во кавадаречкиот комбинат за никел Фени Индустри.

За многумина препукувањата се дел од политички игри на поединци кои сакаат по секоја цена да го добијат овој гигант кој важи за водечки во металуршката индустрија во Македонија.

После неколку месеци неизвесност и страв за неговата иднина,швајцарската фирма ГСОЛ како закупец од март веќе го стартуваше производството и е единствен доверител на фабриката , но бугарски ,,Минстрој“ во меѓувреме  ја доби поддршката на градоначалникот на Кавадарци и на дел од Советот.

Тие испратиле писмо  до премиерот Зоран Заев, во кое му даваат целосна поддршка на планот на,,Минстрој“ за инвестиција во кавадаречката фабрика. Посочуваат дека за нив е важно отворањето на рудникот Р’жаново, кое, според нив,  ќе повлече нови вработувања, годишен приход од концесија речиси од  600 илјади евра, коешто, според нив, е спротивно на планот на ГСОЛ кој не најавил дека ќе се отвори рудникот.  Во писмото стои и дека Општината ќе добие данок на промет на недвижен имот од околу 1,3 милиони евра преку впаричување на имотот на стечајниот должник.

Инаку, ваквото писмо беше доставено и до стечајната судијка Валентина Ѓорѓиевска која на судското рочиште пред 8 дена изјави дека нема да дозволи политички влијанија  и  дека општината не е странка во овој предмет.

Писмото наиде на голем револт кај вработените кои три часа стоеја пред судот во Велес и револтирано довикуваа дека сакаат работа и бараа  Енекод да си оди дома.Според претседателот на синдикатот на вработените, Душко Николовски, планот за ликвидација за нив ќе значи да останат без работа, а комбинатот ќе се затвори. Претседателот на Синдикатот за индустрија и енергетика Пеце  Ристевски, исто така ваквото барање на градоначалникот на Кавадарци го нарече срамно, прашувајќи го кого тоа застапува, кога застанува против барањето на работниците,и побара да им се извини на работниците и на нивните фамилии.

Од ГСЛ велат дека нивниот план за реорганизација  содржи конкретни чекори што водат кон зголемување на капацитетите, производството, и повторно враќање на комбинатот во најголеми европски производители на фероникел, па оттука и предлогот за ликвидација за нив е крајно несериозен.

На средбата која ја имале со градоначалникот му соопштиле дека во околината на рудникот ресурсите практично се исцрпени, а според добрите познавачи на состојбите, ако Фени зависи од оваа руда тогаш треба да се стави клуч на врата. Инаку, Фени работи без руда од Р’жаново уште од 2005 година, истата се увезува зашто рудникот се покажал како економски неисплатлив, а интересно е и тоа што и покрај смената на повеќе менаџерски тимови овде ниту еден од нив не пројавила интерес да се рестартира. ГСОЛ се расположени, доколку ,,Минстрој“ сака да инвестира во рудникот Ржаново и понуди квалитетна руда со конкурентна цена со задоволство да ја купуваат од нив, а со тоа и општината ќе го добие својот надоместок за концесија.

Пред 8 дена на судското рочиште ГСОЛ од стечајниот судија доби рок од три дена да направи корекција на планот за реорганизација со забелешките за  да може да се стави на гласање, а нивниот адвокат Кристијан Поленак рече дека станува збор за корекции од техничка природа, а не суштински.

Собранието на доверители на кое ќе биде гласањето за планот за реорганизација на „Фени“ е закажано за 4 јули. Добрите познавачи на проблематиката во Фени индустри ни посочија дека незадоволните помали доверители, кои навреме не ги продале своите побарувања до купецот, кој не ги обештетува за онаа сума која тие ја посакуваат, постојано наоѓаат некакви начини ,согласно законот,да не се  усвои планот за реорганизација на ГСОЛ и да почнат подготвките за целосно преземање на комбинатот.

Работниците кога слушнаа дека рочиштето се одложува, беа револтирани и рекоа дека постојано некој сака да ја бојкотира нивната работа, но беа задоволни од изјавата на сопственикот на ГСОЛ, Маркос Камхос, дека ќе биде со Фени  во добро и лошо и дека се сериозни инвеститори презентирајќи го својот план за реорганизација.

Билјана Тошевски