Битка за слободното новинарство

Многубројни се реакциите од новинарската заедница за случувањата во Утрински весник и намерата на сопственикот да отпушти новинари или да го згасне весникот. За ЦИВИЛ зборуваат потпретседателот на ЗНМ Томислав Кежаровски и новинарот во Утрински Љубиша Станковиќ.

„Мој впечаток е дека ова е  ‘геноцид’  врз новинарството. Не може поинаку да биде сфатено. Самата одлука да се истера секој трет човек, буквално,е како одлука кога правите геноцид. Тоа е нешто што некогаш се правело во, условно речено, концентрационите логори, па секој трет човек треба да оди пред стрелачки вод. Кои се тие критериуми? Како ќе бидат оценети луѓето кои што треба да се најдат на листата за отпуштање? Ова што се случува во ‘Утрински весник’, за жал, го имам поминато, почувствувано врз своја кожа. Тоа ни се случи во ‘Вечер’. Дел од медиумите ја спомнуваат ТВ А1, но да ги потсетам сите, да ја потсетам целокупната јавност дека отпуштањето на новинарите и тие масовни менувања на уредувачките структури во медиумите, почнаа во почетокот на 2006 година, кога од ‘Вечер’ бевме отпуштени дваесетина новинари. Дваесетина искусни новинари кои во тоа време беа на позиции, уредници, главни уредници….”

 

,,Во ‘Утрински’  созревав како новинар, таму беа моите почетоци, таму се врзани дел од моите успеси во новинарството. Сé што се случува таму, го чувствувам како да ми се случува на мене, врз своја кожа’- рече Томислав Кежаровски за ЦИВИЛ .

 

„Ова не е борба за опстојување на вработените. Ова е едноставно кажување – не, на лошите политики кои се водат и затоа, ние ќе се бориме до крај. Значи, ние не ја креираме генералната политика на компанијата, ние ја креираме политиката на весникот. Како што не сакаме да ја креираме политиката на Медиа Принт Македонија, така не сакаме да ни кажуваат како да функционира весникот!“, изјави во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, новинарот на „Утрински весник“ Љубиша Станковиќ, лидер и на синдикалната организација.

 

,,Мојата порака ќе биде, рече Станкповиќ, дека ова не е проблем само на „Утрински весник“. Ова е порака до сите медиуми, особено до младите новинари, да не дозволуваат сопствениците да управуваат со нив и со медиумите. Тие се новинарите, тие се гласноста, тие се оние кои ја информираат јавноста. Да не бидат пропагатори, туку да бидат информатори. Ова не е битка за „Утрински весник“, ова не е битка за МПМ, ова е битка за слободното новинарство”.

За ЦИВИЛ-Моника Талеска