Битолските борци и социјалдемократите го бојкотираат Талески

Борците од Битола денеска не дојдоа на средба со градоначалникот Владимир Талески,по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот. Според официјалната програма, чествувањето требаше да започне утрово во 10 часот и 15 минути, токму со приемот на претставници од Сојузот на борци во кабинетот на Талески, но никој не ги извести медиумите дека настанот е одложен.

Еден час подоцна, претседателот на боречката организација во Битола, Александар Трајковски, за време на чествувањето пред споменикот на НОБ, во центарот на градот, кусо образложи дека одлучиле да ја бојкотираат средбата затоа што учествуваа на протестите против битолскиот градоначалник.

-Ние учествувавме во протестите на Шарената револуција, сметаме дека сега би било контрапродуктивно да одиме на прием кај градоначалникот Талески, изјави Трајковски.

 

%d1%82%d0%b0%d0%bb%d0%b52%d1%82%d0%b0%d0%bb%d0%b53

Претходно, Талески, не сакаше да одговори зошто е одложена средбата со борците. И битолските социјалдемократи најавија бојкот на свечената академија за доделување на 4 ноемвриските награди, но, велат дека не ги оспоруваат признанијата на годинешните добитници. -За нас е спорно присуството на одредени личности на вечерашното свечено доделување на наградите. Тоа се Владимир Талески, осомничен за кривично дело, како и Ѓорѓе Иванов кој што се дрзна да го помилува. За нас тоа се личности кои што немаат кредибилитет да бидат дел од ваков свечен настан, токму затоа нема да присуствуваме на свеченото доделување, рече Наташа Петровска, советник од СДСМ.