Битолчани бараат конкретни ветувања за здрав воздух

 

Битолчани попладнево го блокираа сообраќајот на влезот во Битола од Скопје и на патот што води до РЕК-„Битола“, изразувајќи го својот револт заради енормното загадување на воздухот во градот. Со протетси за време на изборната кампања, активистите од здружението „За нас се работи“, велат дека сакаат да упатат пораки до политичарите дека на граѓаните приоритет им е решевање на проблемот со аерозагадувањето.
-Сега сите ја бараат нашата поддршка, а ние бараме да изнајдат решение за ова зло што ни се случува. Сакаме да им кажеме на оние кои доаѓаат во нашиот град со црни возила и полициска придружба и ги затвораат нашите улици, дека нивниот приоритет за нас е малку важен. Ние имаме еден приоритет во моментот, а тоа е загадениот воздух и се поголемиот број смртни случаи во Битола токму од загадениот воздух, изјави Душко Груевски, НВО„ За нас се работи“.
Бараат сите партии кои учествуваат на изборите да потпишат меморандум со кој ќе гарантираат спроведување на неколку мерки за решавање на овој проблем
-Бараме укинување на ангажираната моќност од сите приклучоци на електрична енергија во општина Битола, како и субвенционирање од 25 до 30 проценти на потрошените киловатичасови за секој потрошувач, односно субвенционирање на електричната енергија заради последиците што граѓаните ги трпат од РЕК-Битола. Вториот предлог е воведување режим на сообраќај во централното градско подрачје, кога е најголемиот метеж во градот, да се регулира и пренасочи сообраќајот како би се намалило загадувањето, изјави Иван Чулаковски, од НВО „За нас се работи“.
Екологистите најавија дека протестите ќе продолжат и во следните два дена.