Би се срамела…

Пишува: Емилија Лазаревска

Да сум јас на власт и да сум премиер, би се срамела во каква состојба се наоѓа државата. Би се срамела каде и да отидам. Би се срамела кога би поминувала низ улиците на Скопје, би се срамела кога би поминала во центарот на градот, би се срамела кога би отишла во било кој град во Mакедонија , било кое село, било која планина, река, нива, ливада, долина, на било кои гробишта.

Би умирала од срам од се што може да видат едни очи. Би се срамела што не знам како да го организирам системот за да има организирана држава. Би се срамела што ги лажам луѓето да гласаат на избори и што им ветувам било што.

Би умирала од срам што сум поставила такви неспособни кадри, министри, директори…би се срамела. Што не смеам да му писнам на доктор почесен Али Ахмети и не смеам да му кажам дека неговиот министер за екологија е брука. Дека е најголемата катастрофа што може да ѝ се случи на една земја. Што не знае дека цела Македонија е депонија. Што дури и мртвите не се поштедени од нашата, читај вашата неспособност и општата некултура.

Наместо да продавате тантели, прошетајте до Бутел, поминете низ Чаир, Бит Пазар, да видите на што личат овие населби. Да видите во каква нехигиена живеат живите и почиваат мртвите.

Да видите дека пред здравствена установа се продаваат живи петли и кокошки, неспособни ниедни.

Да видите колку е забеган и отиден овој народ и дека плука, фрла и моча ама баш каде ќе му текне. Вратете не сите на двегодишна возраст и почнете да го воспитувате одново овој невоспитан и тотално испуштен народ. Па воведете задолжителни предмети и кампањи за општа култура и образование. Па казнувајте за секое фрлено хартивче и за секој исцеден секрет на јавно место.

Па СРАМОТА! Срамота! Срамота! Сите сме за срамота. Вакво ѓубре, ваква нехигиена и некултура, не постои никаде! Никаде!

Би се срамела…

(Насловот на оваа мала цртичка од животот е идеја на мојот поранешен колега новинар, Зоран Петров. Тој напиша: Текстот ти личи на поема, со наслов ,,Би се срамела”. Иако, да бидам искрен, има и доста лирски елементи).

Емилија Лазаревска е основач и Главен и одговорен уредник на портал АКО.мк. Професионален новинар е од 1986 година, кога, како студент на новинарство, почна да работи како хонорарен соработник во Телевизија Скопје, каде стекна богато новинарско искуство. На почетокот на деведесетите беше вработена во МТВ на неопределено време. Во 1998 година ја напушти МТВ и оттогаш, од самите почетоци и формирањето на телевизијата, па сѐ до 15 јуни 2016 година, работеше во Телма како новинар и уредник. Во нејзината 18 годишна кариера во Телма учествуваше во формирањето на редакцијата на вестите, а 13 години беше Одговорен уредник на вести)