Богоевски и Туфегџиќ: Имаме план за младите

Претставниците на граѓанската опција кои се на листата за кандидати за пратеници на СДСМ и коалицијата во ИЕ 1, Павле Вогоевски и Ивана Туфегџиќ понудија план за младите.

,,Владеењето на ДПМНЕ и ДУИ резултираше со тоа Република Македонија да биде рекордер во Европа по стапката на младинска невработеност, со огромни 54 % невработени млади и со десетици ако не и стотици илјади иселени млади. Видете, причината за иселувањето на Македонија, не е невозвратената љубов, причината е беспреспективноста, ниските плати, високата невработеност и енормната криминализација и партизација на секој дел од нашето општество. Пазарот на трудот и јавната администрација се користат само како срества за постигнување и одржување на политичка моќ,,-рече Богоевски.

Според него, образовниот систем се креира врз основа на партиските и идеолошките приоритети на ДПМНЕ и ДУИ, а не врз основа на реалните потреби на пазарот на трудот. И државата и владата, упорно продолжуваат да се фалат пред странските инвеститори со нашата евтина работна сила а и помошта која што ја даваат за малите претпријатија од 3000 евра не е доволно, а и доколку ги добијат парите тие пари ќе бидат потрошени во првиот месец по енормно високите давачки и огромните казни.


Ивана Туфегџиќ, кандидат за пратеник од СДСМ и коалицијата во ИЕ 1,додаде дека коалицијата има план.

,,Поради причините што ги наведе Павле, коалицијата за живот во Македонијa има план, план кој предвидува отворање на фирма со само едно евро основачки капитал, 10 илјади евра неповратни средства за бизнис идеи на младите луѓе и поддршка од бизнис центрите, кои ќе бидат отворени по поголемите општини, поддршка која што ќе нуди правна, сметководствена, архивска и сета помош која што им е потребна на младите кои отпочнуваат сами свој бизнис.

Нашата цел е младите да бидат сами свои газди, нашата цел е младите да останат да живеат и да работат во Република Македонија,,.