Боксирач и компјутери пронајдени кај терористи

Tелефони, компјутери, фотоапарати, метален боксирач и разна документација, се пронајдени кај две лица минатата недела кои се уапсени поради сомневање дека планираат терористички напади и за поврзаност со повратници од ИСИС, соопшти на прес конференција директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.

Акцијата била спроведена како дел од поширока регионална антитерористичка операција во која учествуваа македонските, албанските и косовските служби,а за кои имале разузнавачки информации по кои извршиле два претреси во Скопје.

Првоуапсениот е 24 годишно момче жител на селото Арачиново и за него судија на претходна постапка изрекол мерка притвор од 30 дена. Второприведениот е 23 годишно момче од Скопје, но уапсен е во Косово.

Чавков не даде одговор какви напади планирале и дали е пронајдено оружје кај нив.

Тој рече дека станува збор за лица за кои постоеле разузнавачки информации дека се припадници на исламски радикализам, како и дека имаат поврзаност со повратници од ИСИЛ.

Претходно, албанската и косовската полиција соопштија дека во координираната антитерористичка операција биле уапсени вкупно 11 лица, четири во Албанија и седум на Косово.