Бошњаковски:Македонија останува транзитна точка за мигранти

Порталот АКО.мк упати неколку прашања до портпаролот на Влада на РМ, Миле Бошњаковски, а во врска со деновиве доста експлоатираната тема за мигрантската политика на нашата Влада. ВМРО ДПМНЕ секојдневно ја подгрева атмосферата дека Владата предводена од СДСМ планира нов пристап кон мигрантите и решавање на нивниот статус. Одеа дури дотаму , па тврдеа дека се планираат стотици станови за нивно населување, вработување за сметка на македонски граѓани и слично.Портпаролт Бошњаковски овие наводи на ВМРО ДПМНЕ категорично ги демантира.Во продолжение еве го интервјуто со него:

1.Што точно предвидува  владината политика за прашања поврзани со прифаќање и згрижување на мигрантите на територија на РМ?

МБ: Не станува збор за нова владина политика, нема ниту најава ниту размислување во таа насока. Македонија и понатаму е транзитна точка.

Важно е да се нагласи дека ,,Предлог Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027’’ не се однесува на мигранти, туку на лицата, коишто согласно со Законот за азил и привремена заштита, имаат статус на припадност кон која било од следниве групи:  лица со признаен статус на бегалец; лица под супсидијарна заштита; баратели на азил, како корисници на мерки за рана интеграција и странци со регулиран престој во Република Македонија (со претходно одобрение од страна на надлежни органи). Лицата со статус на признаен бегалец  или лица под супсидијарна заштита веќе ги ползуваат мерките за интеграција што Македонија ги воведе во 2009 година.

2. Кога е направена оваа Предлог-стратегија?

МБ: Предлог Стратегијата е документ кој е само продолжување на првиот документ подготвен во 2008 година, а кој бил со важност од 2009 до 2015. Уште попрецизно – Предлог стратегијата е подговена уште во 2015 година или и двата документа се подготвени во време на Влада на ВМРО ДПМНЕ.

Предлог Стратегијата е документ кој се подготвува согласно меѓународните стандарди, а Македонија како членка на Обединетите нации ја има ратификувано Конвенцијата за правата на бегалците од 1994 година. Овој документ не претставува документ кој има извршна нота и не е обврзувачки. Тој постои во насока да се запазат меѓународните права на бегалците, односно како се одвива постапката во случај некој да побара азил во согласност со Законот за азил. Ова е еднакво за сите земји во светов членки на ООН и Република Македонија не е исклучок.

3. На кого точно се однесува прашањата на домување, дали со нив се опфаќаат и мигрантите?

Прашањето на домување,  кое беше предмет и на претходната стратегија, а кое се провлекува и во оваа стратегија, е фокусирано на 400 бегалци од Косовската криза  кои се’ уште престојуваат во Република Македонија.  Во ВМРО ДПМНЕ, особено нивните досегашни министри и пратеници, добро го знаат тоа, но очигледно темата им е податлива за да шират страв и тензија меѓу граѓаните.

Повикуваме да престанат ксенофобични изјави на опозицијата и да размислат убаво пред да повикуваат на прекршување на Декларацијата за основни човекови права.

4. Дали  досегашната транзитна политика и прифаќање на бегалците ќе се менува?

 МБ: Не се менува ништо, Македонија останува транзитна земја и тоа не е политика или решение, туку непобитен факт. Во Македонија не постојат никакви кампови – туку два транзитни центри ТЦ Винојуг Гевгелија и ТЦ Табановце. Kако земја членка на Обединетите Нации, нашата земја ќе им помогне на бегалците на нивниот пат кон крајните дестинации, согласно меѓународните стандарди и ратификуваната Конвенција за правата на бегалците од 1994 година.

5. Дали има некаков договор или притисок од меѓународната заедница за промена на досегашната политика на Македонија кон мигрантите?

МБ: Не постои никаков договор ниту притисок кон Република Македонија за промена на пристапот кон бегалците.

5.Зошто е барано мислење од повеќе локални самоуправи за посочување на објекти или парцели за изградба на прифатни центри или сместувалишта за бегалци/мигранти?

МБ: Министерството побара забелешки во однос на содржината на текстот на нацрт Стратегијата од повеќе релевантни институции и организации, меѓу кои и од ЗЕЛС, кои го препратиле дописот до општините. Децидно изјавуваме дека од ниедна општина не е побарана предлог локација за изградба на станови или нешто слично. (во прилог дописот до ЗЕЛС)

6. Дали ќе се градат  прифатни или згрижувачки центри било каде во Македонија? 

МБ: Нема да се градат ниту прифатни, ниту загрижувачки центри.

7.Дали Македонија доби квота за згрижување на мигрантите, привремено или трајно?

МБ: Не

8. Дали се вистините тврдењата на опозицијата дека Владата планира и вработување на мигранти?

МБ: Не. Ништо нема да се менува во односот кон мигрантите од досегашната политика на РМ . Ова е Предлог стратегија (во фаза на подготовка, а не имплементација). Како што реков,  Стратегија е подготвената од претходната Влада, но повторно не станува збор за план кој влегува во реализација, туку се работи за фаза на подготовка и документот нема извршна нота. Текстот е даден на јавен увид на сајтот на МТСП, заедно со формулар за коментари и сугестии, кои требаше да се достават до 8 август. Идната недела ќе се одржи работилница, која ќе биде отворена за јавноста, на која ќе се разговара за пристигнатите предлози и други прашања поврзани со Стратегијата.

АКО.мк