Бојко Борисов поднесе оставка

Бугарскиот премиер Бојко Борисов поднесе оставка,еден ден по поразот на неговиот кандидат на претседателските избори на кои победи Румен Радев, кандидат на социјалистите.

Оставката треба да ја прифати парламентот, што најверојатно ќе биде направено на првиот ден од работата на Законодавниот дом, по што ќе треба да се формира техничка влада.

„Сакам да им честитам на моите колеги од Бугарската социјалистичка партија кои сторија сѐ што е во нивна моќ да ја обезбедат победата и секако да им се заблагодарам на сите оние кои гласаа за господинот Радев и ја овозможија оваа нова ситуација во Бугарија. Јасно е дека владејачката коалиција нема мнозинство па затоа и не можеме да спроведеме реформи, дури ниту буџетот не може да се гласа. Па затоа, на првиот работен ден на Парламентот, оваа Влада ќе даде оставка“, соопшти Борисов.

Поранешниот генерал во бугарската војска Румен Радев убедливо ја победи Цецка Цанчева.