Книжарницата ,,Литература“, на својата интернет страница   blog.literatura.mk , еднаш седмично ќе објавува по едно интервју од циклусот „Астрорум“, коишто ги подготвува и води  уредникот Бранка Костиќ-Марковиќ и тоа во просториите на  книжарницата Литература.

Оваа книжарница е отворена кон крајот на 2016 година, во строгиот центар на Скопје, во најпрестижната пешачка зона – улицата „Македонија“. Визијата на сопствениците беше да ѝ го вратат сјајот на познатата пешачка зона и повторно да ја направат колепка на македонското граѓанство и центар на интелектуалниот ноќниот живот на градот. Тие веруваа дека со планираната програма „Литература.мк“ набрзо ќе стане сврталиште на љубителите на книгата, на случајните минувачи, на авторите, уметниците, бизнисмените, на студентите, пензионерите, па и на сите добронамерници што сакаат да го заокружат денот со добро кафе, добра музика и, се разбира, со добра книга.

Проектот „Астрорум“

Веднаш по отворањето на „Литература.мк“, „се роди“ и идејата за збогатување на концептот на книжарското работење, а со тоа и проектот „Астрорум“, чиј идеен творец е  Бранка Костиќ-Марковиќ. „Астрорум“ претставува еден вид на разговорница каде меѓународно успешни личности, неретко и во живо пред публика, ги споделуваат своите размисли за литературата, уметноста и културата. Со ова, Литература.мк покрај својата основна мисија за доближување на книжевноста до поголем број читатели, полека ги остварува и своите други цели – да стане вистинско сврталиште на целиот интелектуален потенцијал во земјава, но и пријатно место за сите добронамерници кои сакаат да зборуваат за книжевноста и уметноста.

 

Во ова издание на „Астрорум“ гостува македонскиот писател, сценарист, драматург, теоретичар на медиумите, критичар, новинар и есеист, Томислав Османли. Автор е на 23 книги, драмски текстови, сценарија, и творби од областа на теоријата на медиумите и есеистиката. Неговите книжевни дела се преведени на повеќе јазици, како англиски, француски, полски, српски, хрватски, бугарски, романски, грчки, арапски… како и на Ладино, јазикот на сефардаските Евреи. Добитник е на повеќе творечки, општествени и професионални награди и признанија.

Астрорум и на интернет

Идејата на тимот на „Литература.мк“ беше препознаена и од компанијата „Македонски Телеком АД Скопје“, со чија поддршка културниот проектот „Астрорум“ го започна својот живот и на интернет. Оттука, во ова виртуелно културно ќоше, ќе можат да уживаат сите „жители“ на „глобалното село“. За врвниот квалитет на овие документирани културни содржини“, нешто што последниве години отсуствува во македонскиот етер, се погрижи продукцијата „Мунлајт“.

За уредникот

Бранка Костиќ-Марковиќ е уникатна појава во македонскиот медиумски простор. Особено стручниот и професионален пристап, но во истовреме и крајно телевизичен и прагматичен, ја прави подеднакво популарна и почитувана и во професионалните музички кругови, но и кај пошироката културна јавност. Нејзината телевизиска дејност трае речиси две децении, како музички новинар, а подоцна и музички уредник во Телевизија Телма за која има остварено повеќе од 400 авторски емисии и над 1000 интервјуа со домашни и странски уметници (меѓу кои и ексклузивните интервјуа со Jose Carreras, Zubin Mehta, Leo Nucci, Vladimir Pletnev, David Garrett, Esa-Pekka Salonen, Djivan Gasparyan, Rabi Abu Khalil, Larry Carlton, Alexei Volodin, Shlomo Mintz, Kristjan Järvi), како и бројни други содржини од областа на македонската и светската музичка уметност и наука. За целото ова време таа е активна и како етномузиколог, јавувајќи се со научни трудови на конференции и во музиколошки списанија. Бранка Костиќ-Марковиќ работи како уредник во издавачката куќа Арс Ламина и е автор проектот „Астрорум“ во Литература.мк.