Бремените жени и хронично болните да бидат ослободени од работа

Заради ниските температури и отежнатите услови на движење, работодавачите денеска треба да ги ослободат од работа бремените жени и хронично болните. Ова е препораката од Министерство за здравство.

Според препораките на здравствените власти, бремените жени и хронично болните лица над 60 години поради екстремно ниските температури и денеска треба да бидат ослободени од работа, а за работите на отворено да се реорганизира работното време. Исто така се препорачува граѓаните да не излегуваат надвор без неопходна потреба, да консумираат топли напитоци и храна што ја одржува температурата на телото, да избегнуваат алкохол и соодветно да се облекуваат.

Министерство за здравство и Комисијата за превенција од студени бранови препорача во понеделник и во вторник да се ослободат од работни обврски бремените жени и хронично болните лица над 60-годишна возраст зардаи заштита на нивното здравје. Препораките се за целата територија, но со посебен акцент на Осоговско-малешевскиот и на Полошкиот регион.

За работниците, пак, коишто работат на отворено треба да се внимава работните обврски да ги практикуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи на секои два часа по половина час во топла просторија и со топли напитоци.

Доколку граѓаните забележат лице од ризик од студено време, како бездомник или деца на улица, треба да пријават на бесплатниот телефон 15 505.