Бугарија и Македонија пак не се разбраа за историјата

Со ваков наслов , бугарскиот news.bg известува за денешната , седма по ред средба на македонско – бугарската мешовита комисија која треба да ги испегла разликите околу некои историски настани кои се чествуваат подеднакво во двете земји, а согласно Договорот за добрососедство.

Според претседателот на бугарската комисија, Ангел Димитров, ова била најбесполезната, но не и најспокојната средба на комисија.

Димитров ги оцени разговорите како многу интензивни и емотивни, а за исходот на средбата најверојатно е виновен петок 13, се пошегува тој.

Според него, за да се стигне до резултати, кои сега се речиси на нула, ќе мора да се надминат големите разлики во интерпретациите на минатото, кои сега се чинат непремостиви.

За македонскиот член на комисијата, историчарот Драги Георгиев, денешната средба и исходот од неа се разочарувачки.

,,Денешната и вчерашната средба беа разочарувачки во поглед на постигнување на извесни чекори напред во преговорите. Тоа се должи пред сѐ во различниот приод на прашањата и проблемите што ги разгледуваме . Македонската страна секогаш има цел да се постигне компромис, но на база на почитување на аргументите на двете страни, со почит на чувствата на едните и другите, но за некои чувствителни прашања, тешко доаѓаме до тоа. Многу емоции на денешната и вчерашната средба, но и тоа е дел од работата на комисијата. Дебатата направи простор и покажа каде треба да бидат насочени следните средби. Повторно ќе ги разгледуваме темите за Гоце Делчев и за учебниците по историја за шесто и седмо одделение“-вели Георгиев.

Ако зависи иднината на Македонија од работата на оваа комисија, тогаш ситуацијата е навистина чудна, не сметам дека е тоа така, бидејќи ние пред сѐ, работиме како научни работници, а не како политичари, изјави Драги Георгиев.