Бугарски државјани приведени заради криумчарење мигранти

Регионалниот центар за гранични работи- Југ до Основното јавно обинителство поднесе кривична пријава против Љ.Б.(63), П.Х.(59), И.Р.(53) и Т.Т.(24), сите од Република Бугарија, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „криумчарење мигранти“ по член 418-б став 2 од КЗ.

Пријавените на 09.03.2018 година во 10,30 часот оствариле влез на Граничен премин „Богородица“ со мини бус марка „Ивеко“ со бугарски национални ознаки, управуван од првопријавениот, додека другите три пријавени лица биле негови сопатници. При извршени дополнителни проверки на превозното средство од страна на полициски службеници и царински работник, во посебно направен бункер во горниот дел од возилото биле пронајдени осум илегални мигранти од машки пол. Мигрантите се на возраст од 18 до 41 година, пет од нив се од Шри Ланка, а тројца од Авганистан.

Во извршен разговор со мигрантите тие појасниле дека од страна на пријавените лица и непознато лице од Атина биле прифатени и за определен надомест требало да бидат превезени до Италија.

На пријавените лица им е одредена мерка притвор во времетраење од осум дена. Дел од мигрантите се сместени во Прифатниот центар, додека останатите се предадени на грчките погранични служби.