Бузалковска: екс-Министерката Канческа-Милевска има црна листа на ,,непослушни”

Не стивнуваат реакциите меѓу авторите   по објавувањето на Годишната програма за финансирање на проекти во областа на издаваштвото, уметноста и културата која ја подготвува Министерство за култура. Денеска реагираше и Зоја Бузалковска, театарска режисерка и професорка по Актерска игра на Факултетот за драмски уметности, но и активен учесник во Шарена револуција. И таа е меѓу одбиените автори за државно финансирање на проект, за кој вели дека е атрактивен проект со врвна актерска екипа.

Еве што напиша таа како реакција на својот ФБ профил:

,,Еве и јас да се изјаснам во врска со Конкурсот и проектите кои поминаа односно НЕ поминаа во Годишната програма на Министерството за култура. Се разбира дека меѓу нив е и мојот проект, што требаше да го работам во Драмски театар Скопје. Јасно е дека екс-Министерката има црна листа, зашто досега мој предлог-проект, уредно поднесен, до последен детаљ, како што е овој – на атрактивен текст, претходно поминат на Уметнички совет, со врвна актерска екипа, со уредно поднесени скици, изјави од соработници и сл., не се случило да биде одбиен, без оглед на сѐ. Почесто се случувало, предлог-проектите воопшто да не стасаат до Министерството или, кога ќе поминат, да добијат смешно мали буџети. Екс-министерката има црна листа одамна, но таа има многу графи и списоци. Пред неколку години ми беше одбиен вонредно значаен проект во издавачка дејност, кој беше поврзан со Слободан Унковски, но тогаш ми се чинеше поверојатно, неговото име да е причината за таквата скандалозна одлука. Јасно е дека и во случајов со годинешнава програма се работи за дискриминација, јасно е дека гласноговорникот на власта (Миленко, кутриот) беше постапка во најава (оти е доволно неинтелигентен тоа да го направи) и јасно е дека за ова сите инволвирани мора да сносат последици, мора да одговараат! Но, листата на криминали е веќе толку долга, што годишнава програма ја сметам за најминорна! Не сме ние главната штета на екс-Министерката, ние сме само дел од еден општ фон, ние ја докомплетираме сликата, ние сме израз на немоќ, ние сме обид, преку наводна казна за непослушност, да се отстрани сѐ што ќе одземе од купот последни парички, што треба да се поделат меѓу „заслужните“. Јасно е и тоа дека и екс-Министерката и Миленко, како и многу други, упорно не сфаќаат дека средствата од буџетот не се од татка ѝ на Елизабета и никој не нѐ чести за роденден или пак решил, дека сме биле умни и фини, еве ај, ќе ни ДАДЕ да правиме претстава. Затоа и конкурирам, секоја година, зашто тоа се НАШИ ПАРИ! И барам да се сноси одговорност, кому тоа му се делат и за што! Жал ми е што во оваа генерализација се валкаат и некои имиња кои, повторно, служат за алиби дека, еве, и на овие од другата страна им се дава по некое ковче. Тоа се два-тројца кои се или од веќе вработените (па нека си ја заработат барем услугата што беа вработени) или од странците (па не е толку страшно, тие се и онака привремено присутни, колку и да станале „наши“ и колку и да имаат „погрешен“ став!).
А што се однесува до мене, сакам да кажам дека се чувствувам свечено. Кога не се видов на листава, на која обично јас сум алибито, како да добив орден за заслуги за народ. Како некој конечно да ми призна дека во годинава што измина ништо не беше залудно, ниту еден фрлен балон со боја, ниту еден метар пропешачен по улиците (не беше тоа одвреме-навреме туку, буквално, секој ден – СЕКОЈ ДЕН ВО 6!), ниту една извикана парола, ниту еден испеан стих (почнувајќи од „Во мрачно утро, во зора рана…“ па сѐ до „Шутка не ти бега, Никола“), ниту една направена претстава-активизам и тн.
И на крајот, Миленко грешиш, јас не сум ѝ внука на Мирјана Најчевска. Јас сум ѝ братучетка. И морам да ти кажам, Миленко, се гордеам со неа. Малкумина имаат таква братучетка каква што си имам јас. Еднаш еден возрасен човек ми рече: „Најчевска е строга, но исклучително правична“. Не сум чула поточен опис. Таа е знаеш каква? Таа е од оние кои на сите им требаат и чие мислење сите го ценат, почитуваат и слушаат кога се опозиција и кога се обидуваат да се докопаат до власта. И, таа е од оние кои сите ги мразат кога се на власт. Органски не ги поднесуваат! Зашто најтешко е секогаш да го почитуваш правото и да се однесуваш и да постапуваш согласно законот, до последната запирка и точка. Тоа подразбира да не си со криминални претензии и да си чесен. И затоа е навистина ужасно тешко. Ама, ако сакаш да си играш власт, мора да се прави! Таа го прави тоа самата и сите нас постојано нѐ потсетува дека нема нешто поправедно, почовечно и поважно од почитувањето на правото и законите. А без сето ова – нема држава!”

FB-статус на Зоја Бузалковска

АКО.мк