Бундестагот го поддржа членството во НАТО, но пратениците влегоа во жестока дебата поради Македонија

Германскиот парламент денеска расправаше и го поддржа членството на Северна Македонија во НАТО, но пратениците влегоа во отворен конфликт поради оддолжувањето на расправата за преговорите со ЕУ, известува Дојче Веле на македонски јазик.

Einwanderungsgesetz Bundestagsdebatte (picture-alliance/dpa/R. Hirschberger)

Иако денешната тема пред пратениците беше ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, дебатата се измести во правец на ЕУ.

Атмосферата ја разгоре пратеникот на опозициските Зелени, Јирген Тритин, кој оцени дека околу почетокот на преговорите на Скопје со Брисел има судир и во самата влада.

„Канцеларката е против, а Министерството за надворешни работи се залага да започнат преговорите. Коалицијата не може да постигне согласност по ова прашање“, рече Тритин. Коалициската влада во Германија ја сочинуваат партијата на Меркел-СДУ и социјалдемократите (СПД) од чии редови е и министерот за надворешни работи Хајко Мас.

„Желбата на граѓаните на Северна Македонија не беше само да се биде дел од НАТО, туку и дел од обединета Европа“, рече пратеникот на Зелените.

Тритин оцени дека грчкиот премиер Алексис Ципрас ја жртвувал својата политичка кариера за да се постигне Преспанскиот договор, и дека поради него ќе ја загуби власта на следните избори.

„Мојот сомнеж е дека Канцлерамтот (канцеларијата на Меркел) и ЦДУ сакаат да ја одложуваат дебатата на оваа тема сѐ додека Нова Демократија не дојде на власт во Грција за да ја блокира Северна Македонија во ЕУ“, рече Тритин, потсетувајќи дека Европската комисија донела јасна препорака за почеток на преговорите.

Критикувајќи ја таквата политика, Тритин праша дали некој сака Северна Македонија да влезе само во НАТО, но не и во ЕУ, и дали нејзините граѓани треба да се третираат како „Европејци од втора класа“.

Пратеникот на Зелените од говорницата потсети и дека германското Министерство за надворешни работи уште на 8 мај годинава го информирало Бундестагот дека треба да се изјасни за почетокот на преговорите со Северна Македонија.

Повеќе на:

https://www.dw.com/mk