Ламија Ризвановиќ е студентка на Високата школа за туризам и менаџмент во Коњиц и туристички водич во една од најстрого чуваните воени тајни во поранешна Социјалистичка Федеретавна Република Југославија-бункерот изграден за заштита на државниот врв од евентуален атомски напад.

Познат како Бункерот на Тито или поточно Атомска воена команда, се до пред неколку  години кога беше  официјално отворен за јавноста , овој бункер бил една од најстрого чуваните воени тајни воопшто во светот. До распадот на Југославија и по смртта на Тито само се нагаѓаше дека постојат подземни бункери и аеродроми на просторите на поранешната заедничка држава. Потоа, тие беа откриени,  но никој не вложуваше во нив за да ги покаже на пошироката јавност. Во 2003 година почнаа првите поголеми активности за реновирање на подземните ходници и простории во Бункерот на Тито, и по десетина години интензивна работа, сега таму може да се видат сензационалистички откритија .

Ламија Ризвановиќ за АКО.мк открива дека овој бункер секоја година станува се побарана дестинација за туристите, посебно оние од поранешна Југославија. Таа вели дека има посетители и од Македонија, но најзаинтересирани се оние од Словенија.

Единствена туристичка агенција која нуди комплетна прошетка низ ова неофицијално светско чудо е туристичката агенција од Коњиц ,,Визит Коњиц“, а Ламија е обучен водич која располага со потребните детали за историјата на овој подземен објект и одговара на сите љубопитни прашања на посетителите.

-,,Титовиот бункер или Атомската воена команда била најстрого чувана тајна во поранешна Југославија. Изградбата траела 26 години , од 1953 година до 1979, а вложени се речиси 5 милијарди долари. Иако бункерот е одалечен само 5 километри од Коњиц, локалното население не знаело што точно се гради таму, бидејќи влезовите се заштитени со планинарски куќи. Бункерот е сместен под планината Златар, а најдлабоката точка е 280 метри под земја. Ова атомско скривалиште може да издржи напад од 20 до 25 килотони. Во него се наоѓаат преку 100 спални соби, секоја со свое купатило, исто толку канцеларии и било предвидено да може да се сместат околу 350 најважни луѓе од раководството. Обезбедени се услови за подолг престој, системи за дотур на кислород, агрегати за струја, резервоари со вода, храна…Значи, во бункерот можело да се остане цели 6 месеци без контакт со надворешниот свет. Интересен е делот каде е сместена резиденцијата на Тито со шест простории, вклучувајќи ја неговата канцеларија и спална соба“ – вели Ламија.

 

     

Температурата од 21-23 степени и влажноста на воздухот 60-70 проценти се идеални за престој. Преку туристичката агенција, Визит Коњиц“ минатата, 2016 година, Бункерот на Тито го посетиле 8000 туристи.

 

АКО.мк