Вашингтон: „Брегзит да помине мазно!“

Белата куќа ги повика денес Велика Британија и Европската унија да дадат гаранции дека процесот „Брегзит“ ќе помине флексибилно и мазно, откако британскиот суд пресуди дека на владата во Лондон и е потребна дозвола од парламентот за започнување на процесот за напуштање на ЕУ.

„Ние сме свесни за одлуката која ја донесе Високиот суд на Соединетото Кралство. Ние работиме и ќе продолжиме да работиме со официјален Лондон, Брисел и со нашите меѓународни партнери ширум светот за да се осигура продолжувањето на економската стабилност, безбедност и просперитет во Европа и надвор од неа“, им рекол на новинарите портпаролот на Белата куќа, Ерик Шулц, а пренесува Ројтерс.

Тој им упатил „повик и на Велика Британија и на Европската унија во преговорите да продолжат да бидат флексибилни во процесот кој би требало да биде мазен, прагматичен, транспарентен и продуктивен“.

teresa-may

„Брегзит“ или не, прашање е сега

Вишиот суд во Лондон пресуди дека владата на Велика Британија без одлука на парламентот не може да постапува по Членот 50, кој го активира излегувањето од Европската унија.

Ова е голем удар пред се за премиерката Тереза Меј, која неколку пати повторуваше дека „Брегзит значи Брегзит“, и дека кралството што побрзо мора да ја испочитува волјата на народот, инсистирајќи владата на Велика Британија сама да го покрене членот 50 од Лисабонскиот споразум.

Прашањето кое сега се поставува е дали ваквата пресуда ќе го запре „Брегзит“.