Велешки ,,Жито Вардар ” оди во ликвидација

Згасна и Жито Вардар во Велес, еден од најголемите производители на леб, месо и други прехранбени производи во државата- известува локалниот портал Дума. Доверителите на рочиштето што се оддржа во Основниот суд во Велес едногласно одлучија, компанијата да биде ликвидирана. Целиот движен и недвижен имот на Жито Вардар ќе се продава и тоа во пакети.

Според проценката на експертите, вредноста на велешката фабрика е осум милиони и осумстотини и педесет илјади евра. Дури 90 отсто од имотот е под хипотека како залог кај банките. Нивни претставници на рочиштето се изјасниле, подмирувањето на обврските кон нив да биде извршено по рамна постапка со цел да се запази целовитоста на имотот со кој располага фирмата.

Доверителите го задолжија стечајниот управник во најскоро време да распише оглас за продажба на имотот на Жито Вардар.

Во комбинатот некогаш работеа повеќе од 470 работници, само во погоните во Велес, а најмалку уште 400 работеа во живинарските и свињарските фарми во другите градови во земјата, како и во фабриката за добиточна храна во Градско.

Во минатото, во пекарата на Жито Вардар дневно се произведуваа над 25 илјади парчиња леб. Во млинот се мелеше над 10 илјади тони пченица, а во фабриката во Градско се произведуваа над 50 илјади тони добиточна храна. Од сопствените свињарски фарми, фабриката ја снабдуваше Македонија со свинско месо со повеќе од 50 проценти.

DUMA