Велигденско јајце

Од проф.д-р Катерина Тодороска

 

 

Велигден е денот кој секој од нас го доживува различно, но и секој од нас има специфични спомени. Моите први спомени за овој голем ден почнуваат во Прилеп, со едно гласно „Катериноооо, пак ли?“ од мајка ми.

Јас, дотерана од глава до петици. Исштиркана пуфка на глава, поголема и од косата и од главата, со крцкаво испеглано фустанче, нови хулахопки и задолжително блескави чевлички. И, прво излегување од дома, после задолжителното трчање по улица за сите да ме видат што личотија сум, се сопнував, паѓав и дома си одев со дупка на коленото. Мајка ми, со солзи од лутина, ќе ми облечеше стари хулахопки, оти на Велигден не се шие. После долгочасовното шетање по роднини со татко ми, се враќавме со кутија полна колачиња, неколку хартиени гајби јајца, мнооооогу парички кои веднаш одеа во касичка. Седнувавме на трпеза, која тогаш ми се чинеше нормална. Имаше сè и сешто, та нели е Велигден, сите треба да слават и да бидат весели. Среќа невидена во едно убаво време.

Годините поминуваа, јас создадов семејство, а Велигден како и секогаш причинуваше голема среќа во нашето проширено семејство. Наместо на мене, крцкаа пуфки и фустанчиња на други девојченца и едно момченце.

Сите на „веља“ сабота ги довршуваат последните подготовки за великиот Велигден, но од пред неколку години стана јасно дека нешто не оди во вистинската насока, стана видно дека куповната моќ на нашиот човек е се помала. Секое мое одење на блискиот ми Бит Пазар, говореше дека сиромаштијата надвиснала над нас. Така беше и на Велика сабота пред неколку години. Но, она што ми ја влепи шлаканицата таа Велика сабота беше една емисија на телевизија во која гостуваше нутриционист. Негова задача беше да ги поучи што, колку и како да јадат оние што постеле 6 седмици. Емисијата беше контактна, па своја можност да се јави имаше и една мајка чие прашање гласеше вака:

„А што јадат за Велигден деца чии родители имаат пари на маса да стават само две црвени јајца?“ Плачливо процеди, „Колку децата да го почувствуваат денот“ и го тресна телефонот.

Водителката и гостинот останаа со паднати вилици, се составија по некоја секунда, па пуштија реклами.

Само празноглави не сфатија што се случи таа „веља“ сабота. Бездушните властодршци, зафатени со своите благодети, не сфатија дека треба да му помогнат на семејството, но затоа тука беше народот. Оној обичниот кој знае што е мака, кој знае да подаде рака, оној кој има душа. И децата ги огреа велигденско сонце.

Сите следни велики дни беа се посиромашни и посиромашни. И со пари, и со чувства, и најболно, со деца.

Не дека народот не сакаше да прослави, не дека сакаше да заштеди за црни денови оти поцрни од овие, амин. Туку затоа што има сè помалки и помалку деца со крцкави пуфки на главата и фустанчиња со лимби, панталончиња како Петар Пан, нема полни кошнички со шарени јајца, го нема духот на среќата невидена од едно убаво време.

Иако можам многу да пишувам и за црните џипови кои го оддалечија народот од духовноста, овој пат, од почит кон многу свештеници на кои длабоко им се наклонувам, ќе се воздржам.

Нормално е човек да е оптимист, бидејќи во спротивно нема причина да се радува и да тагува, да чезнее и венее, нема потреба од позитивни чувства. А јас, покрај тоа што сум непоправлив оптимист сум и верник, за што имам многу причини. И како таква, си давам право на своја Велигденска желба, наместо роденденска. Посакувам ова да биде последната година на нечовечка сиромаштија на населението, посакувам секое дете да се израдува на бабиниот козињак, трпезата подготвена за великот христијански ден, секоја баба да се израдува на своето внуче, јас да не бидам баба на скајп.

И на крај, за да ја завршам мојата книга за материјалната и духовната сиромаштијата во Македонија, овој Велигден посакувам првиот работен ден по празникот, на ливада, да добиеме нова Влада на РМ која ја чекаме како Велигденско јајце. Та, Македонија да воскресне.

Нека ни е вековит великиот Велигден.

Христос воскресна.

 

 

AKO.mk