Велјановски ги распиша предвремените избори

Претседателот на Собрание на РМ Трајко Велјановски го потпиша решението со кое се распишуваат предвремените парламентарни избори, закажани за 11-ти декември.

-Дозволете да Ве известам дека во согласност со уставните и законските одредби, како претседател на Собранието на Република Македонија го потпишав решението за распишување на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11-ти декември оваа година. Со овој чин, а во согласност со правилата на претставничката демократија, мандатот повторно му го враќаме назад на народот кој, впрочем е единствениот, врховен и најлегитимен авторитет да суди, да оценува и да одлучува која политичка опција треба да ја добие честа, но и обврската да ја води нашата држава- рече Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Според него Македонија ќе влезе во еден сложен период на засилена активност на политичките партии, која верува дека ќе помине во една зрела, достоинствена и одмерена атмосфера .

Велјановски упати лична благодарност до сите пратеници, до новинарите, до Службата на Собранието, како и до сите домашни и меѓународни пријатели за соработката и за квалитетот на односите градени изминатиот период.