Велјановски го поддржа планот на ВМРО ДПМНЕ

Претседателот на Собранието Трајко Велјановски ќе ја закаже седницата за распуштање на Парламентот на 17-ти октомври, но откако СДСМ ќе го поддржи планот што го достави ВМРО ДПМНЕ за донесување на буџетот за 2017 година.

Ова се вели меѓу другото во соопштението што го дистрибуираше попладне Кабинетот на Претседателот на Собранието.

„Претседателот на Собранието е уверен дека на овој начин, македонските пратеници ќе успеат истовремено да остварат две суштински цели- прво, да ја исполнат до крај својата обврска да работат до последниот ден во интересот на државата, стабилноста на институциите и непреченото функционирање на системот со носењето на најважниот акт, Буџетот, и второ, да ја испочитуваат преземената обврска за распуштање на Собранието, бидејќи законските рокови во целост и без исклучок дозволуваат тој чин да се направи на 17 октомври за да може да се одржат изборите на договорениот датум на 11 декември“.

,,Претседателот Вељаноски очекува од пратениците на опозицијата да застанат зад споменатиот план бидејќи така на најдобар начин ќе ја покажат својата посветеност кон преземените обврски од договорите, како и одговорноста кон Македонија”-стои во соопштението.

„Оттаму, за Претседателот на Собранието, секој поинаков став на опозицијата, како тој за распуштање на Собранието на 12 октомври, ќе биде оценет како уште еден акт на политичка неискреност и како дел од планот на опозицијата да издејствува ново, трето по ред одложување на изборите’, констатира Трајко Вељаноски во соопштението, кое го издаде неговиот кабинет по барањето на СДСМ за распуштање на Собранието.