,,ВЕРО” ќе прави попис на денот на изборите

На вработените во синџирот супермаркети „Веро“ вчера им била прочитана одлука дека неделата, на 11-ти декември, на денот на предвремените парламентарни избори, сите вработени ќе треба да дојдат на работа, заради правење попис.

Овој случај за ЦИВИЛ – Центар за слобода го пријавила вработенаа, која побарала да биде анонимна, а која се сомнева дека ваквата одука е обид да се спречат вработените да излезат на гласање.

ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт со правната служба на „Веро“, од каде ја потврдија информацијата.

„Да, точна е информацијата, меѓутоа, работното време е од 8,30, затоа што е ден на избори. И затоа, малку го поместивме времето, некој што ќе сака утрото, од 7 часот, да оди да гласа, да го реализира тоа право, а за тие што нема да бидат во можност утрото, ќе организираме групи во текот на работниот ден. Колку групи ќе бидат потребни не можам да ви кажам, бидејќи не знам колку од нив ќе гласаат пред да почне пописот“, ни изјави Бојана Николовска, од правната служба на ВЕРО.

На прашањето, зошто донеле ваква одлука, со оглед на фактот што досега, „Веро“ секоја година, спроведувал попис – на втори јануари, Николовска ни одговори: „Тоа не знам да ви кажам, тоа е одлука на фирмата. Има одговорни лица, кои одлучуваат за датумот и немам таква информација. Кога тие ќе посакаат, може да стават датум за попис. Овластените лица се Грци, не верувам дека не знаат дека е ден на избори, сигурно знаат. Меѓутоа, ние знаеме дека е кривично дело ако спречиш некого да гласа, затоа ќе се организираме и секој што ќе посака ќе го пуштиме да гласа“.

Николовска нагласува дека ваквата одлука е проблематична и дека ќе се обидат да ја променат .

„Најубаво би било да не биде тој ден и јас ќе се обидам да го поместам датумот, не верувам дека еден ден подоцна, ќе им значи нешто на претпоставените“, изјави Николовска за Цивил.