Вечна слава професорке Димитрова

,,Со тага ја примив веста дека вчеравечер починала нашата истакната виолинистка и виолински педагог, професорката Ратка Димитрова.

Сите наслови во денешните весници се поврзани со нејзината пратеничка функција во првиот македонски собраниски состав, но простете, за мене таа е пред сѐ музичар со големи заслуги за нашата културна историја.

Затоа, дозволете ми да потсетам која беше всушност Ратка Димитрова, зашто знам колку самата ја ценеше уметноста и музиката и до последно не пропушташе на секое наше среќавање да пофали и поттикне, ние помладите да продолжиме да ги негуваме високите стандарди во работата на полето на културата.

Ратка Димитрова е истакната македонска виолинистка и виолински педагог. Дипломирала на Музичката академија во Љубљана кај најпознатиот словенечки виолински педагог Леон Фајфер, а магистерските студии ги завршила на престижниот Државен конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ во Москва, во класата на врвниот професор Јуриј Јанкелевич.

Таа беше и долгогодишен концерт мајстор на Скопската (подоцна Македонска) филхармонија и на Камерниот оркестар на Македонската Радио Телевизија, со кој оствари бројни снимки на дела од домашни и странски композитори.

Првиот концертен настап со Македонската филхармонија, Ратка Димитрова го има уште далечната1952-та година, на само 11-годишна возраст, како ученичка на тогашниот италијански професор Еторе Балестри, донесен во тогашното основно музичко училиште со специјална мисија да работи со најталентираните македонски виолинисти и да ги удри темелите на македонската виолинистичка школа.

Инаку, Ратка Димитрова и потоа повеќе пати бележи врвни настапи како солист со Скопската, Љубљанската и Загрепската филхармонија, со Македонскиот камерен оркестар, рецитално и камерно на сите релевантни музички фестивали, и гостуваше на концертните подиуми низ целата тогашна Југославија, Русија, Кина и многу други земји во светот, а сите нејзини настапи беа проследени со исклучително позитивни критики, што говори за нејзиниот врвен музички талент и уметнички дострел.

Направи трајни аудио снимки за РТС, ЈРТ и Радио Љубљана. Професорката Димитрова оствари долгогодишна педагошка работа, на почеток како хонорарен наставник по виолина во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а потоа како професор по виолина на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а еден од нејзините најистакнати студенти е виолинистот Костадин Богданоски, денешен концерт-мајстор на оперскиот театар „Лицеу“ во Барселона, кој е веројатно и првиот најмлад македонски музичар, запишан на Факултетот за музичка уметност во Скопје со само 16 години, а кој дипломира на 20 годишна возраст, со што е дефинитивно најмладиот дипломец во дотогашната историја на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Исто така, долгогодишниот ангажман во политичките форуми на Димитрова, резултираше со здобивањето со функција пратеник во првиот македонски парламент по осамостојувањето на Република Македонија.

Беше сопруга на универзитетскиот професор и поранешен министер за култура во Владата на Р. Македонија, Димитар Димитров и мајка на универзитетската професорка Светлана Камџијаш и дипломатот, досегашен министер за надворешни работи, Никола Димитров.

Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и на високата државна награда „11 Октомври“.

ФБ статус и осврт на Бранка Костиќ Марковиќ