ВИДЕО:На средбата со Хан во Њујорк зборувано да се тргне условената препорака

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Њујорк се сретна со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

“Продолжете да работите демократски на започнатите реформи. Тоа што ќе го постигнете е важно за песпективите на вашата држава и за целиот регион“ порача еврокомесарот Хан. Тој ги оцени иницијативите на Владата на Македонија за добрососедство и регионална соработка како корисни во процесот на интегрирање на целиот Западен Балкан во евро-атлантските интеграции.

Премиерот Заев соопшти дека Владата на Република Македонија е активно фокусирана на реализација на реформскиот План 3-6-9 и на потребните активности за остварување на стратешките евро-атлантски цели на државата.

-Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме Извештајот на експертот од ЕУ, Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од Планот на којшто веќе работиме. Нашата цел е да создадеме услови за квалитетен живот на граѓаните на Македонија и за евро-атлантските интеграции. Работиме напорно, инклузивно, вклучувајки ги граѓаните, граѓанските организации, политичките партии, ги зацврстуваме постоечките пријателства и градиме нови со државите од соседството и на меѓународен план. Со право очекуваме исчекор во европските интеграции на есен, преку тргање на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори. Паралелно сметаме дека ги исполнуваме потребните услови и за интеграцијата во НАТО, рече премиерот Заев.