ВИДЕО: Заев вети еднаква шанса за сите во Владата и во општеството

Граѓаните на Македонија се на прагот да ја добијат новата, реформска Влада – својата Влада, по речиси 11 години наметнат режим!-рече во својот говор лидерот на СДСМ Зоран заев пред делегатите и гости на 22 Конгрес на СДСМ.

,,Иако е ова партиски Конгрес, пред да се обратам до вас делегатите и членството, ќе ја искористам приликата да се обратам до сите граѓани на Република Македонија. Затоа што ја добив поддршката од мнозинството граѓани на Македонија да бидам идниот премиер. А и за време на мојот 4-годишен мандат како претседател на СДСМ, партијата доби огромна поддршка од граѓаните. За првпат во политичката историја во Македонија и пошироко, граѓаните одлучија на избори да градат партнерство со една партија, базирано на принципи, одговорност, демократија. Така победивме. Заедно. И за тоа сме им должни на граѓаните.

Затоа, во мое и во ваше име, денеска до граѓаните изразувам длабока и искрена благодарност. Не затоа што ги поддржаа СДСМ и коалицијата. Туку затоа што храбро, избраа демократски вредности наспрема режим.

Почитувани граѓани,

Одбравте да ни ја доверите одговорноста. Тоа е голема чест за мене и за СДСМ. И голема обврска. Сакам да ви ветам, сега и тука – посветено ќе работиме! И со посебна грижа ќе се потрудам да ја оправдаме вашата доверба!

Сакам да биде сосема јасно.

Нема да дозволиме да се повтори злото што им го направи раководството на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните и на државата!

Ние веруваме во општествен прогрес. Веруваме дека тој прогрес е можен. Веруваме во споделена иднина. Веруваме дека Секој е важен – дека никој не е поважен од некој друг.

Затоа, ќе овозможиме еднакви шанси за сите во Владата и во општетството“-рече Заев

 

,,Да се фокусираме на тоа што ќе овозможи нови и добро платени работни места за граѓаните. Тоа, ќе ги зајакне семејствата. Тоа, ќе ја зголеми потрошувашката.Тоа, ќе поттикне развој на претпријатијата. Тоа ќе овозможи економски раст во државата. И така ќе придонесеме секој да се чувствува спокојно и сигурно, тука во Македонија.

Луѓето се мирни само кога живеат во општество кое што се темели на чесност, со рамноправни шанси за успех на сите. За да го постигнеме тоа, мораме да се фокусираме на она што не зближува, не на она што не разделува. Тоа ќе го направиме ако гледаме низ заедничките интереси на граѓаните на Македонија. Верував, а денес знам дека не сум сам во таа верба: Различностите се наша сила! И со сета сила ќе се борам против поделбите што го ослабнаа општеството. Ова се вредностите за коишто јас се заложувам. И се покажа – тие не се само идеја. Заедно можеме“-порача Заев..