Видео: Заев очекува да биде мандатар по 29 јануари

Претседателот на СДСМ Зоран Заев очекува после 29 јануари, мандатот за состав на Влада да биде во негови раце.

Тој на прашања на новинарите по судскиот процес,,Поткуп,, рече дека мандатот е во рацете на Груевски и тој треба да ги каже своите ставови околу  Платформата за преговори што ја подготвија неколку партии на Албанците , меѓу кои и ДУИ. Заев смета дека  не тој, туку Груевски треба да ги даде своите коментари, своите образложенија, бидејќи мандатот е во негови раце.

Заев рече дека искрено очекува после 29-ти јануари мандатот да  биде во нивни раце.

,,Зошто? Заради сите аргументации коишто целата јавност ги знае. А тоа е – мнозинството граѓани, преку 612 илјади, се определија за промени. И ова е недвосмислено јасно,  бројка  од која бегање нема. Наспроти тоа, сите прагматични и практични сегашни моменти во  Република Македонија ни кажуваат дека промени ќе се случат, тие се здрави за државата, да бидеме уште малку трпеливи,  да  почекаме,,-рече Заев.

На прашањето зошто досега немал   коментар за Платформата на  партиите на Албанците, -Заев одговори:

,,Имаме и тоа како многу што да кажеме по Платформата. Ние имаме свој став. Заради тоа што тие ја објавуваат платформата со конкретна цел – мандатарот да ја слушне. Така? Мандаторот е Никола Груевски. Зошто вие да не ја коментирате, или моите адвокати, или некој сосема трет? Така и јас, не сум повикан да го коментирам тоа, од проста причина, почитувајќи принципи и правила. Мандатот е даден кај Никола Груевски. Тој е на потег,,-рече Заев.

 

На прашањето што доколку ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ направат влада, Заев одговори:

,,Јас сум прагматичен политичар. Не би сакал да коментирам или прејудицирам нешто – што доколку. Да почекаме, па после тоа ќе ги дадеме нашите коментари,,.

 

АКО.мк