ВИДЕО : Изјава Заев-нема менување на Устав

И двете страни се држат до Уставот, со доближени ставови сме д…

И двете страни се држат до Уставот, со доближени ставови сме до конечно решение

Posted by Zoran Zaev on Tuesday, February 21, 2017

Медиуми: Дали  средбата на лидерско ниво значи дека се надминати разликите?

Заев: Одредени разлики да, ги надминавме.

Медиуми: Значи ли промена на Уставот? Рековте да се усогласи со Уставот?

Заев: Не, не. Желбата и на ДУИ и на СДСМ е да добиеме уставни решенија во функција на новиот закон којшто треба да се донесе за употреба на јазиците. Тоа значи дека не треба да си дозволиме ништо што е надвор од Уставот за и сето друго што е уставно да падне во вода. Зошто? Кој има корист од таквата работа? На крајот, ако останат отворени дури и одредени прашања, не завршува денот на преговорите сега. Може за 6 месеци да ни истолкуваат сите, да отвориме една јавна дебата во којашто јавноста ќе дефинира дека да, тоа е уставно и тоа да го вградиме ако е практична потреба на граѓаните, а е во рамките на Уставот. Значи и двете страни во преговорите се држат до Уставот затоа што навистина Уставот, посебно амандманот 5 од Уставот, сегашен член 7, дава либерална и европска можност да бидат земени предвид сите аспекти и на малцинските заедници во Македонија.

Медиуми: И од ДУИ изјавија дека лидерска средба ќе има откако ќе се усогласат ставовите на работните групи. Еве ја лидерската, рековте дека некои разлики се надминати. Дали може да очекуваме дека до крајот на неделата ќе го добиете мандатот?

Заев: Знаете како, се јави потребата и порано да се случи лидерската, ама ниту јас, ниту г-динот Ахмети не сме експерти. И на крај пак имавме потреба од експертите. Сакаме навистина да изнајдеме решенија коишто ќе бидат закони со добра практична примена и во функција на Уставот.

Медиуми: Освен јазикот има ли и нешто друго што вие се договарате?

Заев: Голем дел од прашањата поврзани со нашата Платформа, а нашата Платформа произлегува од Планот за живот во Македонија и од Платформата на албанските политички партии се апсолвирани прашања.

Медиуми: Експертите различно го толкуваат Уставот. Во СДСМ имате едни експерти, во ДУИ други. Дали очекувате да седнете на заедничка маса и да ги испеглате тие разлики околу различното толкување на Уставот околу употребата на јазикот?

Заев: Многу често и седнуваа заедничките експерти, не само заедничките работни групи да решат некои работи. Тие почувствуваа потреба од двајцата лидери да седнат и да отстранат одредени нејаснотии до крај, што сакаме да постигнеме. Сега ги отстранивме, така да го завршат процесот.

Медиуми: Кога може да ги очекуваме потписите?

Заев: Јас се надевам ден поскоро. Зошто? Уште вечерва јас ја свикувам работната група и ќе ги пренесам сите детали од разговорот, за да можат веднаш да седнат работните групи и да изнаоѓаат решенија. Македонија знам дека имаше трпение и тоа како многу сите овие денови. Се работи за денови во прашање. На крајот одлуката ќе биде или ќе има потписи или ќе нема потписи, но поприлично сме со доближени ставови да се изнјаде конечно решение на тоа што претставуваат отворени прашања за коишто се преговара.

Медиуми: Што ќе се случува со економската еднаквост и со СЈО и други точки што ги бараше ДУИ?

Заев: Во делот на ЕУ и НАТО знаете дека имаме заеднички ставови. Во делот на поддршката на СЈО имаме заеднички ставови. Во делот на економската еднаквост, тоа е потреба на регионите на цела Македонија, не е само етничко прашање и навистина го изнајдовме начинот на рамномерната распределба на капиталните инвестиции, на рамномерна распределба на буџетските средства за да може секој граѓанин да си ја чувствува Македонија за своја мајка. Оттука, ќе има секогаш едно контролно тело коешто пред носењето на Буџетот ќе ги земе предвид сите аспекти на рамномерна распределба на Буџетот. Тоа не значи рамномерна распределба помеѓу Скопје и Струга или Скопје и Кичево. Тоа значи и помеѓу Скопје и Струмица или Скопје и Кавадарци. Знаете дека многу често распределбата на буџетските средства не беше изедначена до крај и ние не треба да се плашиме од ваква работа.

Медиуми: Кој ќе го формира ова тело?

Заев: Идната Влада треба да го формира. Се надевам на предлог на Владата Парламентот ќе го создаде оти на крајот од денот Парламентот ги носи одлуките и за Буџет и за буџетското трошење и за завршните сметки се што значи финансиски ресурси на државата. Од тој аспект важно е дека се согласивме за рамномерна распределба на буџетските средства подеднакво на територијата на цела земја, подеднакво за општините, да дадеме една доза дополнителна за руралните општини. Руралните општини навистина заостануваат во својот развој и немаат свои сопствени ресурси и тука мора да вградиме одредени пондери коишто ќе овозможат дополнително повеќе пари за руралните општини за да можеме да го воедначиме квалитетот на живот на село со градовите или барем да има една посериозна тенденција кон унапредување на квалитетот на живот на село, затоа што сите знаеме дека имаме огромни миграции од село во град, па дури и од градовите кон главниот град. За да го спречиме овој голем бран на мигрирање внатрешно што се случува мораме да продуцираме рамномерен регионален развој во Македонија.

Медиуми: СДСМ останува на ставот  за неменување на Уставот? 

Заев: Уште еднаш исправен пред потребата да добијам потписи јас сум тој што ги чека потписите со целиот ризик и да не ги добијам потписите Уставот во Република Македонија нема да се менува.

 

Медиуми: Г-дине Заев, Дали тоа значи дека г-динот Ахмети се согласи со вашите решенија кои ги нудите  во делот на употребата за албанскиот јазик кои не предвидуваат како што рековте промена на Уставот?

Заев: Јас мислам дека ДУИ и неколку пати тоа го потенцира, се работи за решенија коишто се во рамките на Уставот. Секако г-динот Ахмети ќе го прашате и тој ќе ги каже ставовите на ДУИ. Тоа што јас  го слушам изјавено е и преку негови функционери и лично од г-динот Ахмети дека токму и тие се залагаат за решенија во рамките на Уставот и на крајот еве разговаравме вечерва, ние разговаравме за уставноста на решенијата и реков дека нема суштествени разлики околу одредени решенија.