Сведоци на големата трагедија во селото Ласкарци, кога вчера автобус на претпријатието Дурмо-турс од Гостивар излета од автопатот и падна во бездна, по што се преврте, ни го испратија првото видео направено по сообраќајната несреќа.

Луѓето кои се нашле случајно на местото на несреќата, првин не сфатиле што се случило, па тргнале да видат од каде доаѓа чадот што се гледа на видеото и што е тоа што паднало крај нив со силен трескот. Одејќи кон местото на трагедијата, наишле на човек ако лежи на асфалтот, потоа дознале дека е тоа возачот на автобусот.

Еден од првите кои им притекнале во помош на настраданите е и Фестим Русани, вработен во Владата, кој се нашол на местото на трагедијата само неколку минути потоа, одејќи од работа кон Тетово, каде што живее.

За АКО.мк вели дека неколкумина веднаш притрчале да помогнат ,а тој побарал помош од началникот на Брза помош во Тетово, Адем Рамадани.

Рамадани веднаш испратил 4 болнички возила и дошол на местото на трагедијата.

Рустани го известил и министерот за здравство, Венко Филипче, а потоа и за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по што сите реагирале, испратиле помош и самите пристигнале во Ласкарци.

Меѓу првите кои наишле тука и помогнале бил и замник министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу.

Оваа фотографија е направена во моменти кога се извлечени првите повредени патници кои можеле сами да се движат.

Првата патничка спасена од превртениот автобус

Според кажувањето на сведоци на несреќата кои први се нашле на местото на настанот, глетката била потресна, бидејќи дел од загинатите останале без делови од своите тела.

Во една од најтешките автобуски несреќи во нашата земја, загинаа 14, а повеќе од 30 патници се повредени, меѓу нив има со тешки и животно загрозувачки повреди.

Емилија Лазаревска, АКО.мк