Видео од прес конференцијата на ЦИВИЛ за регистрирани притисоци и неправилности

 

 

Центар за слобода-CIVIL  бара од ДИК и од Општинските изборни комисии – да им се јават веднаш на Избирачките одбори и да побараат од нив да им овозможат на набљудувачите да ја работат својата работа и да го почитуваат Изборниот законик. Значителен број граѓан(к)и нема да успеат да го остварат своето право на глас, затоа што ги нема на Избирачкиот список! Набљудувач на ЦИВИЛ јави дека во Валандово е фатен гласач како го фотографира своето гласачко ливче, по што интервенирала полицијата.

Се спроведува недозволен притисок врз гласачите и кршење на изборниот молк. Гласачите добиваат телефонски повици од партиските штабови ширум земјата. Оваа информација ја добиваат повеќе наши набљудувачи од целата земја. Тоа е вознемирување на гласачите и недозолен притисок врз гласачкото тело.

Злоупотреба на јавните ресурси во партиски цели се забележува на повеќе места низ земјата, како што е случајот со возило на „Македонски шуми“ во селото Љуботен.

Нотирани се повеќе случаи на евиденција на гласачи од вработени во администрацијата или партиски активисти кои стојат во непосредна близина на избирачките места.

Од изборен штаб на една политичка партија во едно скопско село, на адреса на нашиот набљудувач се упатиени закани. „Дали ова е набљудувачот на ЦИВИЛ? Дај да го фрлиме во канал!“, тенденциозно гласно разговарале партиските активисти.

Државната изборна комисија е одговорна затоа што одделни членови на Избирачките одбори не ги разбираат процедурите, па дури и го попречуваат изборниот процес.

Значаен број граѓанки и граѓани, едноставно, нема да успеат да го остварат своето право на глас, затоа што ги нема на Избирачкиот список и затоа што има голем број преместувања на Избирачки места, без навремена и видлива информација.

ЦИВИЛ бара од ДИК и од Општинските изборни комисии – да им се јават веднаш на Избирачките одбори и да побараат од нив да им овозможат на набљудувачите да ја работат нашата работа и да го почитуваат Изборниот законик, како и да овозможат тајност на гласањето.

Објавуваме само мал дел од случаите кои ги забележија набљудувачите на ЦИВИЛ кои се на теренот од 6.30 изутрината, во периодот од отворањето на избирачките места до 9 часот.

Член на Избирачки одбор на своето Избирачко место во Демир Хисар гласал јавно, а потоа го провоцирал нашиот набљудувач со прашањето „Дали и ова го забележуваш?“, што е во спротивност со начелата на тајност на гласањето.

На избирачко место 2447/2 во училиштето „Ибе Паликуќа“ во Сарај, набљудувач на политичка партија, седнал на место на член на Избирачки одбор и ги барал во списокот луѓето кои гласаат. Истиот партиски набљудувач го повикал набљудувачот на ЦИВИЛ и му вршел притисок.

Тајноста на гласањето не е загарантирана на неколку избирачки места во Општина Аеродром.

Јавна прозивка на гласачите е нотирана во Прилеп.

Во Липково, набљудувач на политичка партија стоел до Избирачкиот одбор и им кажувал што да прават членовите на ИО, а тие ги прифаќале неговите сугестии.

Гласање во име на друг е регистрирано во село Брњарци, скопско, на Избирачкото место 2332.

Избирачкиот одбор во Избирачкото место 2904 во општина Бутел го отстранил уредно акредитираниот набљудувач на ЦИВИЛ, без никакво објаснување. Кажано му е да излезе од Избирачкото место веднаш штом влегол, а на прашањето зошто го отстрануваат, одговорено му е само со зборот: „Така!“

Овластувањата на набљудувачите на ЦИВИЛ се одземени во повеќе случаи, а во еден случај, во Избирачкиот одбор 2840, овластувањата на нашиот набљудувач биле и фотографирани.

Според нашите набљудувачи и јавувањата од граѓанките и граѓаните, во првите два часа од гласањето, нема случаи на насилство.

На вчерашниот ден имаше случаи на притисоци врз гласачите, поткуп и кршење на изборниот молк во над 120 случаи, пријавени од набљудувачите на ЦИВИЛ, како и од граѓанските активисти.

ЦИВИЛ годинава своите активности за изборите ги координира со помош на сродната невладина организација од Хрватска ГОНГ.