Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг со видео обраќање изрази поддршка на Република Македонија за успешен референдум на 30 септември.

Во своето обраќање, тој истакнува дека историскиот договор за спорот со името ја отвора можноста за рамноправно членство на Република Македонија во меѓународната заедница, вклучувајќи го рамноправното членство во НАТО.

„Членството во НАТО ќе ви ја даде вам и на вашите деца сигурноста што доаѓа кога сте дел од најуспешната светска алијанса. И ќе и даде на вашата земја рамноправен глас во нашите дискусии и рамноправно изјаснување во нашите одлуки.

Сега е време вашите гласови да бидат слушнати. Ова е можност што се укажува еднаш во животот. Вратата на НАТО е отворена, но само граѓаните на вашата земја можат да одлучат да ја поминат. Затоа, вашата иднина е во вашите раце.”

Ве чекаме во НАТО! – потенцира Столтенберг на крајот од изјавата, на македонски јазик.