Денеска, сабота(04.02.2017) се очекуваат најмасовни протести во Букурешт против новите измени во антикорупциските закони со кои им се даваат низа поволности на актуелни политичари кои веќе имаат пресуди или се осомничени за одредени корупциски дела. Организаторите најавуваат дека ќе направат човечки синџир околу Парламентот.

Стотици илјади демонстранти неколку дена протестираат во Букурешт и други градови во Романија, откако владата донесе контроверзен закон со кој се декриминализираат повеќе корупциски дела, а дури, корупцијата до 45 илјади евра нема да биде кривично дело. 

Светските медиуми известуваат дека на протестите учествуваат луѓе од секоја возраст, но најмногубројни се оние од помладите генерации и цели семејства со мали деца во рацете или на своите вратови. Токму тие го искажуваат својот гнев кон актуелната Влада, а некои носат транспаренти со порака ,, Овде сум заради својата иднина,,.

Вчера, само во Букурешт учествувале околу 250.000 демонстранти, а истовремено протестирале луѓе дури во други 50 градови низ Романија. Претседателот на државата им се придружил и ги поддржува барањата на демонстрантите.

АП пишува дека спорниот закон всушност е донесен за конкретни луѓе.

Ливиу Драгнеа е 54 годишен лидер на владејачката СДП, која победи на изборите во декември минатата година. Аналитичари велат дека новата законска уредба е направена токму за него, бидејќи тој во април минатата година беше осуден на двегодишна условна затворска казна за местење на резултати на референдумот во 2012 со кои беше сменет тогашниот претседател Трајан Басеску. Тој е на суд и за злоупотреба на положба, а според стариот закон со овие дела не би можел да биде на ниту една врвна државна функција.

Виктор Понта  даде оставка на местото премиер по пожарот во еден ноќен клуб во кој загинаа 64 луѓе. Тој е на суд за кривично дело поткуп во времето кога бил адвокат пред десетина години.

Елена Удреа е најмоќната жена политичар во Романија, близок соработник на поранешниот претседател Басеску. Обвинета е за примање и давање мито.

Адријан Северин, поранешен шеф на романското министерство за надворешни работи и европратеник. Осуден е на три години затвор заради мито.

Сите овие поранешни функционери, но и бројни други јавни личности, фудбалери, сопственици на медиуми, бизнисмени со измените во законот за борба против  корупцијата би биле ослободени од одговорност и пуштени од затвор или ќе им бидат укинати казните. Згора на тоа, потоа непречено би можеле да продолжат да се занимаваат со јавни работи и политика.

 

Демонстрантите добија поддршка и од влијателната Православна црква.

Владејалката СДП не отстапува од измените на зкаонот, а нивниот лидер Ливију Драгнеа кој не можеше да стане премиер со стариот закон заради тоа што е осудуван за корупција, треба да има најмногу корист од новите измени.

 

 

Уставниот суд на Романија треба да се произнесе идната недела за контроверзните измени на антикорупцискиот закон.

 

АКО.мк, агенции