Виктор Мизо го пречека Заев во ,,Костал“ која во негово време беше стопроцентно ослободена од социјални придонеси


Некогаш, еден од најблиските соработници на Никола Груевски, долгогодишен директор на Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони , пред три дена го пречека премиерот Зоран Заев како директор во ,,Костал“ , германска компанија и странска инвестиција во Македонија, коа отвори свои погони во 2015 година во охридско-струшкиот регион.

Мизо беше тој што во име на Владата во 2015 година, го потпиша договорот со странската компанија која отвори фабрика во индустриската зона во Струга, а потоа погони и во старата фабрика на Емо Охрид.

Според Законот за спречување на судир на интереси, службено лице во рок од три години по заминување од функцијата не смее да се вработи во компанија со која имал воспоставено каков било договорен однос. Владата на Груевски, во чие име Виктор Мизо го потпиша договорот со ,,Костал“, ја ослободи 100 процентно компанијата од плаќање социјални придонеси.

Виктор Мизо на потпишување на договорот со ,,Костал“ за инвестирање во Македонија

Мизо практично по поднесувањето на оставката од директорското место во ТИРЗ, веднаш стана директор во ,,Костал“.

Но, тој ја убедуваше јавноста дека нема ништо спорно во неговиот трансфер, бидејќи германската компанија договорот за инвестирање го склучила со Владата, а не со Диреkцијата на чие чело беше повеќе години.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, по доаѓањето во Владата на премиерот Зоран Заев, обвинувањата за судир на интереси на негова сметка, ги правдаше токму со примерот на Виктор Мизо и од собраниската говорница на опозицијата ѝ одговори дека е чудно како таму не виделе никаков конфликт на интереси.

– Значи директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони(Виктор Мизо), кој е потписник на договор за тие што имаат 100 проценти субвенции и ослободување од придонеси,  денес е директор на таа компанија. Јас слушам доста гласини за конфликт на интереси во државава, ако ова не  е конфликт на интерес, а можам да ви кажам и многу други примери, јас не знам што е, рече Анѓушев во ноември 2017 година одговарајќи на пратенички прашања.

Тогаш Анѓушев вети дека новата Влада нема да прави разлика во поддршката кај македонските и странските инвститори, ниту пак тоа ќе биде со дискрециско право како во изминатите пет-шест години.

Компанијата ,,Костал“ досега инвестирала 29 милиони евра и таму работат 350 луѓе.

На македонскиот пазар работи три години и има просечна бруто плата од 730 евра, односно нето платата е речиси 500 евра .

Постојни клиенти на „Костал“, се „БМВ“, „Дајмлер“, „Порше“, „Тесла“ и „Ролс Ројс“.

Од оваа година „Костал“ најави дека ќе изработува и проекти за „Ауди“, „Фолксваген“, „Сеат„ и „Шкода“.

Но, останува фактот, дека голем број странски инвеститори, ги вработуваат на раководни места функционерите кои претходно во име на македонската влада преговарале со нив за инвестирање овде или лично им потпишувале разни видови милионски субвенции преку ослободување од плаќање на разни видови давачки кон државата. Што е класичен судир на интереси, но нема никаква одговорност за ваквото кршење на законите.

АКО.мк