Вистината е како шило…

Од проф.д-р Катерина Тодороска

 

 

Вистината е како шило. В`ти, в`ти, в`ти па ќе излезе.

Никола Груевски

 

Како ревносен следач на ликот и делото на Никола Груевски, мојата маленкост смета дека ова е единствената, вредна за паметење, поента изкажана од оваа личност. А текстот што ќе го прочитате во продолжение само ќе ви покаже зошто ја одбрав за наслов на моето писание.

Во Институтот за национална историја работам од декември 1987 година до денес. До 2012 година ниту помислував, ниту знаев дека сомнителното (финансиско и правно) работење било длабоко вкоренето кај „владеачките елити“ на институцијата.

Од тогаш до денес излегоа многу работи поврзани со ЛАЖЕЊЕТО на правничката и нејзините ученичиња, ама јас ќе ве запознаам САМО со две.

Прво. Никогаш не размислував зошто ние, како наука немаме пристојни плати или зошто нам платите ни се помали од вработените во администрација со завршен факултет. Но, едно сосем случајно писмо кај тогашната сметководителка ми покажа сосем друга вистина од онаа која јас ја знаев. Почнав да чепкам, се отворија варијанти и подваријанти на снемување на пари од вработените и како поставував прашања и барав документација, така експресно од „мила“ станав „лудача“. Резултатите говореа дека нам, како на вработени со платата од Институтот за национална историја не ни се исплаќа минат труд. Ваквата констатација ја потврди и една интерна комисија на чело со проф. д-р Марија Пандевска во врска со ова прашање, а неколку години подоцна и Државниот ревизор. Во меѓувреме, јас поднесов тужба за неисплатен минат труд. И покрај фактот што сите знаеја дека сум во право, никој не се одважи да ме поддржи во тужбата, освен најавата на сега покојниот колега Димитар Димулков. Експресно почна да работи ДПМНЕ-овската машинерија во одбрана на „елитата“. Оти нели, не смее да се чепка во нивните пулени. Ај тоа што јас веќе бев „промовирана“ во „лудача“, почнаа да врбуваат најблиски членови на семејството за да ме плашат со кривични (една дури и ми поднесоа, ама за тоа друг пат), лични долгогодишни пријатели беа ангажирани да ме убедуваат дека се под закана нивните семејства, потоа на свекор ми му подметнаа три ливчиња со кои Комисијата за лустрација почна постапка за листрирање на човекот кој во Бугарија бил осуден на пет годишна казна заради ставовите во врска со Македонија и сатусот на Македонците. Иронија, беда, трагедија. И така, после многу странични притисоци, јас ја повлеков тужбата. На тој ден, камен им падна од срцето на сите криминалци собрани во кабинетот на директорот во Институтот. Оти, ако беше нормална државата тие требаше кривично да си одговараат за долгогодишната кражба од платите на вработените на ИНИ. А најсреќна, секако беше, правничката на ИНИ која најмногу ОДРАБОТИ за да и помогне на судијата Хилда Мешковска да ме замолчи. Единствено од се, жалам што бев измамена од Судот и што не беше снимано последното рочиште, кое беше искривоколчено во писмениот документ, кој пак беше искористен како алиби за госпожата правничка на ИНИ за да си ги пере гнасотиите по другите институции.

Пред некој ден чув дека една колешка од Институтот за старословенска култура во Прилеп, тужела по ист основ како мене и го добила спорот бидејќи таа немала правник кој работел против интересот на вработените. Така, ЛАЖЕЊЕТО на правничката на ИНИ, во интерес на вработените во ИНИ, го доби вистинското име. А не дека не го знаев.

Заклучок. Вистината е како шило. В`ти, в`ти, в`ти па ќе излезе.

Второ. По кој знае кој пат. Пред неколку години беше иселен Државниот архив на РМ од својата наменски градена зграда и однесен во чавкарницата покрај Вардар со букви обележана како Архелошки музеј. Со тоа беше нанесен огромен срам на најважната државна институција која е синоним на опстојбата на таа иста држава. Ние, како Институт за национална историја останавме во истата зграда на трет и четврт кат.

Од првиот ден на преселбата на ДАРМ бурно реагирав за случувањето, а особено откако разбрав дека на некое полуписмено ДПМНЕ-овче му текна во научна институција да довлечка Јавно обвинителство за организиран криминал. Тогаш, правничката на ИНИ се ФРЛИ на работа да преговара со Јавното обвинителство за организиран криминал и да види како ќе се подели зградата, од каде ние ќе влегуваме, да се пазари како ние од газди ќе станеме кираџии во нашата зграда. АМА: Тоа беше истото обвинителство во кое, со години  стоеја нивните кривични пријави поткрепени со стотици документи. А нели, ваква прилика за преговори не се пропушта. Така, по долга борба со Влада и Катастар, од устата на директорот излегоа бисерни пофалби за одлично сработената работа на правничката која ги завршила СИТЕ имотно-правни недоразбирања и издејствувала во Катастар да добиеме свој имотен лист за нашите простории. Се разбира, милината кај нејзините верни беше неизмерна. Топење и лигавење на тони, а нејзината душевна убост немаше крај. Никој не се побуни што научниот кадар што го градиме ќе влегува низ една дупка во страничниот дел на зградата, никој не изусти ни збор што НАШАТА ОСНОВНА РАБОТА – АРХИВОТ и АРХИВСКИОТ МАТЕРИЈАЛ БЕЗОЧНО СЕ УНИШТУВА. Никој не помисли да каже дека тоа е криминал од најголем обем врз национална институција и што уште не. А јас? Да, јас како и секоја друга „лудача“ во ваква ситуација, реагирав без ниту еден збор поддршка.

Фала му на народот и Господ, се смени тоа безумно владеење и во Државниот архив дојде нов директор. При првата посета на новите простории на Државниот архив изјави дека условите во кои работат вработените се нехумани (што е сосема точно) и дека максимално ќе се заложи Државниот архив да се врати во својата наменска зграда. Зад ваквата негова идеја застанаа сите вработени во ДАРМ, а нам како на вработени во ИНИ ни беше доставено едно писмо за да дадеме поддршка на идејата. Секако, и јас бев консултирана за писмото, а јас потоа ги консултирав колегите во ИНИ. Воодушевувањето одеше дотаму што паднал предлог да се оди со официјална поддршка преку Советот на ИНИ. Секако, јас тоа го прифатив и ги замолив колегите од ДАРМ официјално да се обратат до Советот на ИНИ за поддршка, а тие тоа го испочитуваа.

АМА. Тука стапува на сила вечната правничка на ИНИ. Направи невиден спектакл во стилот „Архивот сака да ни ја земе зградата“ „Архивот сака да не исели“ итн. итн. И се роеја прашања КАКО МОЖЕ НЕКОЈ ДА БАРА ПОДДРШКА И ДА САКА ДА ВЕ ИССЕЛИ? КАКО НЕКОЈ МОЖЕ ДА ВЕ ИССЕЛИ ОД ЗГРАДА ЗАВЕДЕНА ВО ВАШ ИМОТЕН ЛИСТ? ЗОШТО ПРАВНИЧКАТА НЕ ЗАВРТИ ЕДЕН ТЕЛЕФОНСКИ БРОЈ И ДА СЕ ИСКОНСУЛТИРА СО КОЛЕГИТЕ ПРАВНИЦИ ВО ДАРМ? ЗОШТО РАЗГОВОР ОД ДЕСЕТ МИНУТИ КОЈ МОЖЕ ДА РЕШИ СЕ МОРА, ДА СЕ ЗАМЕНИ СО СПЕКТАКЛ?

Но, телефон не свртеа, направија спектакл, па некое си писмо до Влада. Што пишува во него знаат само пишувачите. Оти инаку, сите ќе разберат дека СПАСИТЕЛКАТА НА ИНИ ниту завршила работа во Катастар, ниту нашите простори се наши. Да ти било попусто и лигавењето и честитањето од пред година-две. Во Катастар си стои дека зградата е сопственост на РМ.

 

За показ, тука е Институтот за македонски јазик кој има СРЕДЕН имотно-правен статус со своја наменски градена зграда подарок од македонското иселеништво, со законски Имотен лист.

 

Така, ЛАЖЕЊЕТО на правничката на ИНИ, во интерес на ИНИ, по кој знае кој пат, го доби вистинското име. Не дека не го знаев, ама она што овој пат го превидов е МОЌТА на СОНЧОГЛЕДАРСТВОТО.

Заклучок. Вистината е како шило. В`ти, в`ти, в`ти па ќе излезе.

 

Сега судбината на бескрајно богатата и значајна документација за историјата на Македонија е во рацете на Владата на РМ. Со нејзина одлука, или ќе скапува во новата зграда покрај Вардар или ќе се зачува во наменски градената зграда на Григор Прличев бр.3. А БЕЗ ДОКУМЕНТАЦИЈА НЕМА НАЦИЈА.

За АКО.мк проф.д-р Катерина Тодороска