Владанка Авировиќ е во комисијата што ќе одлучува за идните антикорупционери

На седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе бидат интервјуирани пријавените кандидати на огласот за именување на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Седницата е закажана за 10 часот, а ќе биде пренесувана директно на собранискиот канал на МТВ.

На огласот се пријавиле 57 кандидати, а ќе одлучува комисија во состав:

Мухамед Зекири од СДСМ, Атран Груби од ДУИ, Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ и Владанка Авировиќ  од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, додека Драги Целевски е номиниран од Народниот правобранител, а Сабина Факиќ и Бесим Небиу како претставници на здруженијата, односно фондации, назначени за членови во Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор.

Пратеничката Владанка Авировиќ , од Социјалистичка партија, се издвои од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и гласаше за Преспанскиот договор , но и за измени на Уставот.

Против нејзиниот син се води судски процес за случајот на СЈО ,,Труст“, а во јули минатата година Василие Авировиќ беше осуден на три години за незаконското добивање на тендер на ЕЛЕМ во случајот „Труст“ на СЈО. Судот наложи и да биде конфискувана и имотната корист од тендерот или околу 17 милиони евра.

Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и двете правни лица беа обвинети за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Судењето почна во ноември 2017 година и траеше 8,5 месеци. Според обвинението, обвинетите со фалсификат документи учестувале и добиле тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра. Обвинетите на ЕЛЕМ му доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет. Сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека не сториле никакво кривично дело. На судењето беа преслушани и 13 бомби, а беше изведена и сметководствена и друга документација.

Третообвинетиот беше ослободен од обвинение.