Владата го задолжи вицепремиерот Анѓушев да најде конечно решение за ,,Еурокомпозит“

На последната седница, Владата ја разгледа информацијата за состојбата со 11 Октомври – Еурокомпозит од Прилеп.  Владата ја задолжи компанијата да побара позајмица од компаниите во државна сопственост од ЕЛЕМ и од МЕПСО од по 3 милиони денари или вкупно 6 милиони денари. Во исто време, Владата им препорача на двете претпријатија да го обезбедат побаруваниот заем.

Половина од средствата (3 милиони денари), се наменети за линеарна исплата на примања за вработените. Околу 30% од средствата ќе бидат наменети за набавка на репроматеријали и на други потребни средства на компанијата. Остатокот од парите ќе се насочат за тековно одржување на 11 Октомври – Еурокомпозит, од Прилеп.

На денешната седница, Владата исто така го задолжи Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, во согласност со позитивните законски прописи, во најскоро можно време да најде конечно решение за компанијата 11 Октомври – Еурокомпозит од Прилеп, соопшти владата.

Вработените вчера протестираа пред Влада на РМ и поставија шатори. Компанијата е со наменско производство во државна сопственост.