Владата донесе одлука за набавка на брзи тестови и нов протокол за безбеден погреб на починати од Ковид 19

Владата на Република Северна Македонија на денешната 21 седница го задолжи Министерството за здравство да спроведе постапка за јавна набавка на брзи антигени тестови за потребите на јавните здравствени установи со спроведување на постапка на преговарање без објавување оглас согласно членот 55 став (1) точка 6) од Законот за јавните набавки, според кој оваа постапка може да се спроведе „доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат“.

Со цел обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус КОВИД-19 Владата донесе заклучок да се достави барање до Министерството за одбрана да дозволи дополнително распоредување на медицински лица од редовите на ова министерство за потребите на јавните здравствени установи во државата.

Врз основа на препораката на Комисијата за заразни болести, на денешната седница на Владата се усвоени измените и дополнувањата на Протокол за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со телата на починати лица од КОВИД-19.