Владата издвои 1.930.000.000 денари за купување на делот на ГА-МА од Макпетрол

Владата на Република Северна Македонија, во рамките на продолжението на работата на 171 редовна седница, ја усвои Одлуката за одобрување на средства од Буџетот за 2019 година за купување на делот на ГА-МА АД Скопје.

Со оваа одлука средствата од Буџетот за 2019 година, во висина од 1.930.000.000 денари ќе бидат уплатени на буџетот на посебна наменска сметка на Национални енергетски ресурси АД (НЕР АД), за да се искористат исклучиво за намената, односно за докапитализација на сопственоста на ГА-МА АД, како компанија, која согласно регулативата на ЕУ, ќе биде увозник на гас во нашата земја.

Вредноста на „Гама“ и колку се инвестирало се утврдени со законско решение. Премиерот Заев во септември најави дека за ова се предвидени средства со ребалансот на буџетот.

Откако на Макпетрол ќе му го исплати делот вреден околу 32 милиона евра, државата ќе стане 100 отсто сопственик на целиот гасоводен систем.

Македонски енергетски ресурси (МЕР) и „ГА-МА“ ќе се спојат и автоматски се решаваат крупните прашања кои се обврска според Европската енергетска заедница, а и согласно Законот за енергетика донесен во мај 2018 година. Со едно такво решение, националниот оператор, преносувач, дистрибутер МЕР ќе може конечно да стане единствен сопственик и да ги добие лиценците кои веќе ги има „ГА-МА“ или да аплицира за свои. На тој начин ќе може да се пушти гас до гасоводните системи кои се веќе изградени во Штип, Велес, Прилеп.

Втората важна работа е што ќе се овозможи продолжување на проектот со интерконекторот со Грција.

„Макпетрол“ и државата водеа спор за тоа кој има поголем удел во гасоводот, повеќе од 12 години. Но пред неколку месеци, компанијата побара вонсудско решавање на деценискиот спор, а предлог-спогодбата државата ја имаше доставено до Државното правобранителство.