Владата месечно ќе плаќа по 90.000 денари за советите на Зоран Башановиќ

 

Четворицата надворешни соработници што ги ангажирал премиерот Зоран Заев ја чинат државата месечно 170.000 денари, пишува Фокус.

Според информации од Влада на РМ, најскапо платен е српскиот државјанин Зоран Башановиќ, кој е надворешен соработник на Заев за економија за сума од 90.000 денари.

Надворешните соработници на премиерот за подготовка на анализи, извештаи и мислења за унапредувања на меѓуетничките односи, односно за остварување на стратешките приоритети за членство во НАТО – Мерсељ Биљали и Исмет Рамадани, ќе земаат по 40.000 денари.

Како што велат од владата, четвртиот надворешен соработник Митко Андреевски, чија задача е да изработи анализа за информација со податоци и изготвување на елаборат од областа на енергетиката, ќе работи про боно или без паричен надоместок.

Покрај тоа, премиерот досега има назначено и 8 посебни советници кои го советуваат за прашања од различни области – правда, култура, администрација, односи со јавност, надворешна политика, евроинтеграции, земјоделство, екологија, пишува Фокус .

Краткото пребарување по Интернет за искуството на Башановиќ, покажува дека се работи за познат естраден менаџер на турбо-фолк сцената во  Србија, а бил и член на главниот одбор на Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ.

Според српските медиуми, Башановиќ и Заев се запознале во Грција, каде што и двајцата имаат куќи.

Деновиве е актуелна сумата што поранешниот премиер Груевски ја плаќал за советувањето од страна на синот на Ристо Никовски, Александар, од 3.000 евра месечно.

Откако излезе оваа информација, медиумите блиски до Вмро Дпмне го правдаа дека ги заслужил, затоа што наводно, тој носел странски инвестиции во Македонија.