Владата очекува Грција да го разбере предлогот Република Илинденска Македонија и да го поддржи

,,Република Илинденска Македонија е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни. Очекуваме дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина.

Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации кон ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година.

Република Македонија и граѓаните на Република Македонија немаат никакви територијални претензии и ги потврдуваат неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција.

Владата на Република Македонија ќе ги продолжи разговорите со Владата на Република Грција се до изнаоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор. Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народи никогаш не било поголемо. Ќе ги вложиме сите напори да извлечеме максимум од овој позитивен историски момент за двете држави“-се вели во реакцијата од Владата на РМ, по официјалното добивање на предлогот Република Илинденска Македонија од официјална Атина.