Владата предложи да биде разрешен Кирил Петров, директор на Државен архив

Директорот на Државен архив на РСМ, Кирил Петров ќе биде разрешен по препорака на владата.

Тој дојде на ова место по преземањето на власта како кадар на партијата на Оровчанец, а го наследи Филип Петровски кој беше директор на Архивот за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ.

Тогаш Државен архив остана без својата наменска и матична зграда, изградена во минатиот век во седумдесетите години за време на Социјалистичка Република Македонија, која беше дел од СФРЈ.

Пред десетина години, тогашната влада на Груевски донесе одлука архивот да се исели во новата зграда на Археолошки музеј, а старата архивска зграда да биде пренаменета за обвинителството.

Петров на почетокот од својот мандат со вработените ги спасуваше архивските материјали од поплава по секој дожд, но потоа притиснат од владата престана да дава изјави и им забрани на вработените да зборуваат за проблемите со просторот во Археолошки музеј.

Пред две години актуелната влада ја задолжи министерката без ресор, Зорица Апостолска во најкус можен рок да изнајде нов простор за нова зграда на Државен архив, но до денеска нема ништо ново на тој план.