Владата речиси ја изедначи социјалната помош со минималната плата

Од први јануари, социјаланата помош за поголем број корисници, е зголемена за три пати и таа сега достигнува до 11.700 денари. Владата речиси ја изедначи со минималната плата, која изнесува 12.000 денари.

Овие измени за корисниците на социјална помош беа најавени и образложени детално во септември минатата година.

Па според тоа, четириричлено семејство, со едно работонеспособно лице ќе добива 11.700 денари, а семејство со двајца возрасни и две деца 10.600 денари. 

„За повеќе од 70 отсто на корисниците на социјална помош зголемувањето е повеќе од 300 отсто или трипати повеќе од тоа што го добиваат сега. Започнуваме темелни реформи во ситемот на социјална и детска заштита. Се зголемува социјална парична помош и воведуваме минимален гарантиран приход. Целта е да се усогласи паричниот надоместок што го дава државата со потребите на граѓаните и да им помогнеме побрзо и полесно да излезат од сиромаштија“, рече Заев.

Но, со ова се доведува во прашање праведноста и мотивот за работа , ако се знае дека голем број работници во приватни текстилни фирми работат за минималец.

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека и годинава ќе се зголеми минималната плата во земјава.

Според него, растот на минималната плата ќе овозможи да се дојде до плата од 500 евра, која беше предизборно ветување. Тоа е остварливо, како што рече премиерот, бидејќи лани просечна нето плата изнесуваше над 400 евра.

– Сакам да најавам дополнително носење на одлука за минимална плата. Ќе расте, затоа што, со покачување на минималната плата и отварањето на таа спирала видовме дека имаме добар ефект. Тој ефект даваше резултати, некаде до септември, но и по септември, платите продолжија да растат – рече Заев.