Владата тврди дека нема опожарени куќи во Требовље и ангажираше армиска пешадија во борбата со огнот

Портпаролот на Владата на Република Македонија Миле Бошњаковски во изјавата за медиумите вечерва, соопшти дека Владата во текот на денешниот ден, активирала  2 пешадиски вода од Четвртиот батаљон од касарната во Кичево, кои веќе се на терен, каде се наоѓа и командантот на здружена оперативна команда генерал Милевски, да се справуваат со пожарот во оклината на Македонски брод. Вкупно 60 офицери и војници на АРМ, вклучувајќи и медицински тим, остануваат на локацијата сè до целосно справување со пожарот на оваа локација.

Портпаролот Бошњаковски ги информираше новинарите дека двата хеликоптерите на АРМ беа на располагање и се ангажирани веднаш штом Дирекцијата за заштита и спасување побара асистенција. Тие до денеска секојдневно учествуваа во справување со огнената стихија во село Требовље, а денеска и кај село Брезница.

Владата апелира, нагласи портпаролот Бошњаковски, граѓаните да се воздржат од ширење напроверени информации на социјалните мрежи заради исклучителната чувствителност на темата и за да не се зголемува непотребно тензијата меѓу населението.

Според последните информации добиени од Регионалниот центар за управување со кризи во Македонски Брод, добиени во 20 часот, пожарот е сè уште активен на Лутоец во правец на месноста Брдо и Сува Гора и има тенденција на ширење во правец на атарот на село Здуње и кон селото Требовље.
Владата на 18-тата седница, донесе одлука да се свика итно Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на кој ќе се разгледаат информациите за пожарите во земјава посебно на ситуацијата во околина на Македонски Брод.
Вечерва отпочнаа координацијата на ова тело со цел да се преземат итни активности уште во текот на оваа ноќ за да се заштитат имотите на граѓаните и нивните животи.
Членови на ова координативно тело се министрите за внатрешни, за одбрана, за транспорт и врски, за труд и социјална политика, за здравство, како и директорот на Центарот за управување со кризи.
Владата, нагласи портпаролот Бошњаковски, на вечерашната седница препорача Управувачкиот комитет да одлучува за можностите да  се зголеми користењето на АРМ во справувањето со пожарите; Хелокоптерите на АРМ, кои се вклучени во гаснењето на пожарот да продолжат со акцијата. Владата му наложи на комитетот да се препорача и вклучување на двата авиона на Дирекцијата за заштита и спасување.
Портпаролот на Владата на Република Македонија соопшти дека последните информации говорат дека, иако пожарот го загрозува атарот на селото Требовље, до овој момент нема опожарени куќи.
Екипите што се на терен ќе останат сè додека пожарот не биде изгаснат или ставен под контрола, изјави за медиумите портпаролот Миле Бошњаковски.