Владата тврди дека со набавката на нови возила се заштедува на нивно одржување

Владата одговори на прозивките од опозициската ВМРО ДПМНЕ која бара да се раскине тендерот за набавка на 45 возила во износ од 1,7 милиони евра.

Тврдат дека нам месечна основа се заштедува по 700 евра од возила.Еве ја пресметката на Владата:

,,Потребата од набавка на нови возила, (преку оперативен лизинг или деловен закуп), произлегува од фактот што во септември 2018-та истекува 3-годишниот договор за изнајмување моторни возила по пат на оперативен лизинг којшто бил склучен на 09.09.2015 година.

Преку оперативниот лизинг и преку условите на оваа набавка, се намалува висината на месечните рати, се избегнуваат дополнителни трошоци за одржување и се обезбедува сериозна заштеда во буџетот. Имено, сега месечната рата за едно возило е помала за 1200 денари или вкупна заштеда од над 700 евра по возило, во споредба со набавките на возила во 2015 и 2012 година, кога за еден автомобил државата месечно плаќала по 68.738 денари.

Дополнително, со оваа набавка се избегнува каков било дополнителен трошок во врска со одржувањето на возилата. Со месечната рата за лизингот се покриени сите трошоци и државата нема да потроши ниту еден дополнителен денар за зелени картони, за каско осигурување, за издавање полномошно, за промена на гуми и за редовен сервис, трошоци кои се неизбежни за секое возило.

Потенцираме дека постапката за повеќегодишна јавна набавка на 45 возила се одвиваше јавно. Тендерот, на којшто имаа право да се пријават сите заинтересирани автомобилски компании, беше отворен месец и половина. Исто така, по завршување на рокот, фирмите имаа можност во период од 5 дена да поднесуваат приговори и забелешки за целокупната постапка.

Дополнително, истакнуваме дека спецификацијата за возилата којашто беше наведена во тендерот е идентична со спецификацијата во претходните две вакви јавни набавки, во 2015-тата и во 2012-тата година.

Потенцираме дека не станува збор за луксузирање, туку за исполнување на минимум безбедносни стандарди коишто треба да ги има секое возило и кои беа обезбедувани и во претходните години.

Разликата во цената е дотолку поголема, имајќи предвид дека сега се набавуваат возила понови за 3 односно за 6 години, а истите имаат и дополнителна опрема.

Инаку, право на користење на патничко моторно возило меѓу другите имаат и Претседателот на Р.М., Претседателот на Собранието на Р.М., Претседателот на Владата на Р.М., поранешниот Претседател на Владата на Р.М., поранешниот Претседател на Република Македонија, потпретседателите на Собранието на Република Македонија, замениците на Претседателот на Владата на Р.М. и министрите во Владата на Р.М.

Дел од возилата ќе се користат и за превоз за протоколарни и репрезентативни потреби, како и за извршување на службени работи за министерствата, секретаријатите и другите органи на државна управа“-се вели во реакцијата на владата.