Владата ќе се задолжи на меѓународниот пазар преку еврообврзница вредна 800 милиони евра

Владата ја усвои Одлуката за максимален износ на ново задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзници на Република Северна Македонија.

,,Имајќи ги предвид сите предизвици кои произлегоа по прогласената пандемија на КОВИД-19 на светско ниво од страна на Светската здравствена организација, мерките за заштита и рестрикција на движење кои ги преземаат државите, а особено нејзиното влијание на пазарите на капитал, Министерството за финансии предложи, а Владата прифати, финансирањето со издавање на еврообврзници, кои ќе ја поддржат ликвидноста на државата во време на пандемија, намалената економска активност, преземените мерки за заштита на економијата и работните места на граѓаните, како и зголемените трошоци во секторот здравство.

Предложениот максимален износ на новото задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзница во износ до 800 милиони евра ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка на Република Северна Македонија во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од назначување на агент за процесни услуги на Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии во процесот на издавање на еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и го задолжи Министерството за надворешни работи преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Лондон, Велика Британија да ја преземе функцијата на агент за процесни услуги во име на Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии“-се вели во соопштението од Владата.